Трикови за откажување од пушењето
Пушењето е причинител на 25 болести од чии последици годишно умираат околу 6 милиони луѓе во светот!
Иако, за откажување од цигарите, пред сè е потребна волја, постојат и мали трикови кои ќе ви помогнат да се ослободите од оваа грда, скапа и нездрава навика, со која си штетите самите на себе, а и на тие во ваша околина.
1. Кога ќе забележите силна желба да запалите цигара, воздржете се и сконцентрирајте се на тоа, колку тој порив трае. Никотинските кризи надоаѓаат во бранови, а траат околу 3 минути. Стрпете се. Три минути брзо поминуваат, а вам ќе ви биде полесно кога ќе знаете дека сте се избориле со желбата.
2. Грицкајте нешто или лижете бонбони. Шеќерот помага во убивање на желбата за никотин, но можете да употребувате и бонбони без шеќер. Исто така, чаша ладна вода ја смирува желбата за цигара.
3. Прошетка и вежбање се совршен пар во борбата против пушењето. Телото на тој начин побрзо ја надминува никотинската криза, која е нормална појава кај оние кои се трудат да се одвикнат од пушење.
4. Во моменти кога буквално се тресете за цигара, подгответе си топла купка и додајте во неа некое етерично масло, како лаванда или јасмин. Тоа ќе ве релаксира и смири, а желбата за никотин ќе исчезне.
5. Никотинските гуми за џвакање помагаат да се преброди кризата, посебно во првите 10 дена.
6. Во моментот кога ќе посакате да запалите цигара, одете до бањата и измијте ги забите со ментол паста. Ладниот вкус на ментол ја убива желбата за никотин.
7. Наместо навиката – кафе и цигара, напијте се чај. Чајот има моментално дејство како и кофеинот.
8. Џвакајте гуми за џвакање со мирис на нане или грицкајте стапчиња од цимет. Тие исто така ја намалуваат желбата за пушење. И не заборавајте – кризата трае само 3 минути.
9. Подгответе го телото за откажување од никотин, така што ќе внесувате повеќе зеленчук и овошје. Подгответе си пијалак така што во пола децилитар јаболков оцет ќе помешате два децилитри вода. Овој пијалак ја гаси желбата за никотин. Пијте мултивитамини.
Здравствени предности од откажувањето од цигари:
После 20 минути: се смалува бројот на отчукувања на срцето и се намалува крвниот притисок.
После 12 часа: нивото на јаглен моноксид во крвта се спушта до нормала.
После 2 до 12 недели: се подобрува циркулацијата и се зголемува функцијата на белите дробови.
После 1 до 9 месеци: се смирува кашлицата и недостатокот на воздух.
После 1 година: ризикот од коронарни болести на срцето е дупло помал, отколку кај пушачите.
После 5 години: се смалува ризикот од мозочен удар.
После 10 години: ризикот од рак на бели дробови е дупло помал, отколку кај пушачите. Намален е ризикот од рак на уста, грло, бешика, матка, панкреас.
После 15 години: ризикот од коронарни болести е ист како кај непушачи.