Есента е убава, немојте да бидете тажни
Смејте се, кикотете се што повеќе. Полесно ќе се справувате со сите обврски и проблеми и со оптимизам ќе гледате на животот. Овие неколку едноставни трикови ќе внесат ведрина и оптимизам во тмурните есенски денови.
За да го покачите нивото на серотонинот, хормонот на среќата и доброто расположение, за појадок изедете шолја сутлијаш, или интегрална кифла.
Наспијте се
За наутро да бидете одморени, убаво расположени и полни со елан, во текот на ноќта треба добро да се наспиете. Заборавете на ноќниот ТВ програм, читањето весник и седењето до ситни саати бидејќи во кревет треба да бидете пред полноќ. Легнувајте и станувајте секогаш во исто време, затоа што на организмот му годи рутина. Ако ја усвоите оваа навика, расположението нема да може да ви го расипат ни дождот, ни ветрот.
Не гледајте вести
Наместо за на работа да се подготвувате гледајќи ТВ прилози за убиства, несреќи и гужви во сообраќајот, пуштете си музика. Прескокнете ги вечерните информативни емисии, во нив нема многу добри вести, зашушкајте се и уживајте со омилените песни. Музиката опушта, го поправа расположението и ви овозможува со мислите да отидете на некои убави места.
Обојте го денот
Повеќето луѓе наутро, ако се разбудат лошо расположени, одбираат темна гардероба. Тие бои ќе ви го одредат и остатокот од денот, па големи се шансите да бидете мрзоволни до вечер. Затоа наместо црна, сива или кафена гардероба, би требало да облечете нешто жолто, или портокалово, тие бои будат оптимизам, или црвено, затоа што таа боја ја обновува енергијата.
Пијте чај наместо кафе
Чајот е поздрав од кафето, но не е многу популарен бидејќи повеќето луѓе овој напиток ги асоцира на настинка, или болест. Отфрелете ги предрасудите и барем еднаш дневно наместо кафе испијте шолја чај. За наутро идеални се цејлонскиот, или некој друг црн чај, затоа што обилуваат со кофеин, со оброк пијте кинески, а навечер лесен овошен чај затоа што релаксира.
Шетајте, шетајте, шетајте
Какво и да е времето, немојте да ја прескокнувате получасовната прошетка. Не барајте оправдување, овој вид рекреација не бара никакво откажување. Можете да шетате до работа, кога се враќате дома, пред спиење.... Чекорете со исправен `рбет и глава, така се намалува производството на хормонот кој предизвикува лошо расположение.
Влезете под туш
Стресот, грижите, морниците кои од студ ви се пикнале во коски, ништо подобро не може да ги реши отколку млазот топла вода. Влезете под туш, замижете и пуштете топлата вода да ги однесе сите ваши грижи. Две туширања дневно, утринско со млака вода и вечерно со топла вода, ќе бидат вашиот лек против есенската депресија.