Како да се справите со вошките и што треба да знаете пред да почнете да го чистите детето?
На гнидите им требаат од 5 до 10 дена за да се развијат во мали вошки, на кои пак им треба уште една недела за да пораснат дополнително и да положат нови јајца (односно гниди). Затоа, најчесто постапката за чистење треба да се повторува неколкупати.
Иако многумина сметаат дека проблемите со вошките се дел од минатото, вистината е дека и денес многу родители мака мачат со овие паразити што се вселуваат во косата на нивните деца.
Вошките најчесто се јавуваат кај деца на возраст од 3 до 11 години и интересно е тоа што многу почесто ги има кај девојчињата, отколку кај момчињата.
Тие може да се пренесат од директен контакт со главите, па затоа ако сте дознале дека вашето дете има вошки, обидете се да држите дистанца за да не ги пренесете на себе, па потоа да се зафатите во круг на постојано чистење кај себе и кај детето.
Вошките може да се населат во секаков вид коса: виткана, права, фарбана или природна – иако многумина веруваат дека фарбата за коса ги убива вошките, сепак тоа не ги спречува да се населат во таква средина.
Се смета дека вошките сами по себе не се опасни, не пренесуваат болести и единствениот проблем што го предизвикуваат е чешање, но раните од интензивното чешање може да станат места поволни за инфекција.
Првите знаци дека вашето дете фатило вошки се малите ситни гниди на коренот на влакното што наликуваат на првут, но откако ќе ги погледнете со лупа забележувате дека се заоблени, а не сплеснати и не можете лесно да ги отстраните, туку потребно е да повлечете за да се одлепат од влакното.
Освен тоа, кај децата може да забележите траги од каснувања во пределот под темето на косата, на вратот и околу ушите.
Вошките најчесто се пренесуваат преку директен контакт со „заразено“ лице, или доколку сте во контакт со предмет што тоа го користело, како чешел или перница.
Чешањето настанува како последица на плунката што вошките ја оставаат додека се хранат, затоа малите ранички на главата најчесто укажуваат дека веќе имате вошки, а пределот околу ушите и вратот им се омилени затоа што станува збор за потопли предели на главата.
Раничките изгледаат како мали црвени или розови точки, на кои понекогаш има засирена крв, а прекумерното чешање може да доведе до инфекции.