Која е разликата помеѓу ботокс и филер?
Досега сигурно сте ги слушнале зборовите ботокс и филери, а најверојатно мислите дека станува збор за истото нешто. Речиси секој знае дека на некој начин, ова се инјекции за подмладување, но која е вистинската разлика помеѓу нив?
Доколку сте размислувале да ставите ботокс или филер, добро е да знаете што навистина претставуваат и која опција е подобра за вас:
Ботокс
Зборот ботокс е всушност името на брендот што го произведува овој „лек“. Вистинското име на хемикалијата е ботулинум невротоксин.
Кога се инјектираат во мускулите, овие невротоксини привремено ги парализираат мускулите и ги спречуваат нивните контракции.
Па кога ќе ставите ботокс, тој го спречува постојаното мрдање на лицето и појавувањето на брчките. Повеќето луѓе ставаат ботокс за да го спречат проширувањето на веќе постоечките брчки.
Кога да ставите ботокс?
Доколку сакате да ги намалите малите или длабоките бори на лицето кои се последица од изразите, тогаш ботоксот е совршениот третман.
Инјекциите со ботокс одлично ги прикриваат брчките помеѓу веѓите, борите на челото и оние околу очите. Сепак, ефектите на ботоксот се привремени.
За да го задржите посакуваниот изглед, ќе треба да одите на третман на секои 3 до 6 месеци.
Филери
Самото име на оваа хемикалија ја објаснува нејзината функција – името потекнува од зборот fill, односно пополнување. Па што точно пополнуваат филерите?
Со стареењето, во телото почнува да се намалува лачењето на супстанците што се одговорни за здравиот изглед на кожата. Овде спаѓаат колагенот, еластинот и хијалуронската киселина.
Недостатокот од овие супстанци ја прави кожата сува и предизвикува појава на брчки, а филерите се справуваат со токму ова.
Овие инјекции содржат хијалуронска киселина или колаген со кои ги пополнуваат веќе настанатите брчки. Дермалните филери можат да имаат разна густина и состав и да се користат за разни проблеми – од мали до навистина длабоки брчки.
Хијалуронските филери можат да траат од 9 до 12 месеци, додека синтетичките можат да траат од 12 до 14 и се користат за поголеми брчки.
Кога да ставите филер?
Додека намената на филерите и ботоксот е слична, ботоксот ги прикрива брчките создадени од изразите на лицето. Филерите, пак, се справуваат со брчките кои не се менуваат, како на пример борите околу усната.
Доколку сакате да му ги вратите волуменот или структурата на лицето, како пополни образи или усни, тогаш употребете филер. Филерите можат да ги „поправат“ проблемите кои настануваат поради староста.
Сепак, на крај најдобро е да се консултирате со вашиот дерматолог. Понекогаш, во зависност од проблемот, се користи и комбинација од двете за најдобри резултати.
Спирова С. | Црнобело