Зошто домашното средство за сончање не е најдобрата идеја за ова лето?
Дојде тоа време од годината кога сите нè фаќа „летна треска“ и наеднаш почнуваме да држиме диети, да вежбаме, да правиме бизарни третмани по дома - сѐ за да изгледаме беспрекорно на плажа.
Грижата за телото однатре и однадвор е важна и неопходна преку целата година, но тоа е друга, многу опширна тема. Сега ќе се задржиме на бизарните третмани што ги споменавме погоре, ако може така да се нарече.
Домашно направените маски за коса, за лице, пилинзи и креми се во ред, но да одлучите да направите свој крем за сончање значи да ризикувате.
И знаејќи ги опасностите од изложеноста на сонце без заштитен фактор, има многу луѓе кои кремот за сончање го подготвуваат дома.
Зошто се случува ова?
Претпоставката е дека ова произлегува од желбата да се користат природни производи без хемикалии, бидејќи многу креми за сончање достапни на пазарот содржат синтетички состојки.
Домашното средство за заштита од сонце обично се прави со растителни масла, цинк или титаниум диоксид како фактор за заштита. Но, без оглед на тоа какви информации сте прибавиле од интернет, домашната крема за сончање нема да ја пружи потребната заштита.
Растителните масла не се филтри за сонце, а голем недостаток е и покривноста , односно долготрајноста.
Професионално произведените средства за заштита од сонце имаат состојки кои помагаат правилно да ги суспендираат и нанесат филтрите за сонце, и истите се ригорозно тестирани во професионални објекти.
Домашните средства најчесто не се штетни, дури може да ја навлажнат и смират кожата. Во најдобар случај, ќе ви помогнат побрзо да го добиете чоколадниот тен за кој сонувате.
Но, нивниот фактор за заштита од сонце не е проверен, а и не се отпорни на вода. Иако најчесто концептуално звучат добро, не се докажана заштита од сонце.
Ако се сомневате, сетете се дека заштитата од сонце е репер за вашето здравје. Ракот на кожа не е шега - потребна ви е вистинска формула за заштита од сонце, која всушност поминала низ регулирано УВБ и УВА тестирање за да се осигурате дека добивате соодветна заштита која трае два часа. Сонцето не е нешто со кое треба да експериментирате.
А. Ш. | Црнобело