Историја на шминкањето - Од времето на Клеопатра до модерното време
Козметиката не била секогаш достапна и разновидна како денес, кога постојат бројни козметички брендови и препарати, но жените наоѓале начини како да изгледаат убаво.
Првите козметички препарати биле маслиново масло, животинска маст, јаглен, глина, пепел и разни природни пигменти.
Легендата вели дека египетската кралица Клеопатра се капела во млеко од магаре, иако историчарите никогаш не ја докажале вистинитоста на оваа приказна.
Вистина е дека египетските фараони преземале голема грижа за хигиената на своето тело, а практикувале и ритуално капење. Тие верувале дека со нивната чистота и релаксација ќе им се приближат на боговите.
Ритуалите што ги практикувале Египќаните вклучувале капење, масажа со парфеми, маска за очи, усни и образи, дури и лак за нокти. Ова уредување немало за цел да заведува, туку било израз на божественоста, а парфемите и шминката биле статусни симболи.
Бојата на кожата со векови претставува статусен симбол. Белата, порцеланска кожа била карактеристична за членовите на аристократијата, а била поврзана со Божјата светлина.
Аристократските дами ставале пудра на своето лице, ги шминкале очите и веѓите. Не знаејќи дека белото олово содржи супстанции штетни за здравјето на луѓето, жените продолжувале да го користат, а последиците често биле фатални.
Светлата коса била особено ценета во текот на ренесансата, а жените прибегнувале кон разни методи со цел да ја осветлат косата. Овие третмани вклучувале ставање на урина на косата и изложување на сончевата светлина.
Во 17-от век луѓето станале уште поекстремни. Мажите почнале да ставаат пудра на лицето и да носат перики, обидувајќи се да се отцепат од природата, опишувајќи ја како дива и валкана.
Раното христијанство шминкањето го претставувало како „ѓаволска работа“. Жените требало да бидат природни, како што Бог ги создал.
Во Викторијанска Англија, Парламентот усвоил закон со кој секоја жена, која би се омажила за кралски службеник, а при тоа би користела шминка, парфеми, високи потпетици и други помагала, ќе биде прогласена за виновна за изнудување.
Покрај здравствените проблеми предизвикани од бело олово, сега и стравот од развод ги поттикнувал жените да престанат да се шминкаат. Шминката продолжиле да ја користат само проститутките.
Со појавата на Мулен Руж и кабарето, шминката повторно станува општествено прифатлива.
Нашминканите актерки често биле прикажувани на билбордите и во списанијата, поради што другите жени почнале да се шминкаат за да личат на познатите диви.
Кон крајот на 19-от век жените станале повеќе активни во борбата за еднаквоста со мажите. Иако мажите сметале дека жените ќе бидат окупирани со козметика и дека нема да се мешаат во политиката, суфражетките предводени од Елизабет Арден марширале низ улиците носејќи црвен кармин на усните, како симбол на моќ.
По Првата светска војна голем процент од машкото население бил убиен, а пронаоѓање на сопружник станало вистински предизвик.
Поради сето ова козметиката почна масовно да се развива, а во 1920-тите стана глобален бизнис вреден стотици милијарди евра.
Денес, сите сме свесни колкав замав зема козметиката и шминката и колку жените се грижат и трошат пари за да изгледаат совршено, додека ретки се оние кои се држат до природниот изглед.
Ашера | Црнобело