Лаги за женското тело во кои не смее да верувате
Крајно време е да се срушат митовите и предрасудите околу тоа за што служи и како треба да изгледа телото на жените. Затоа, ви го откриваме списокот на најголемите погрешни верувања.
Ова се лагите за женското тело во кои не смее да верувате:
1. Главна цел на женското тело е раѓање деца.
Способноста да раѓа не е она што ја дефинира жената. Ваквите традиционални верувања треба што поскоро да се избришат од колективната меморија.
Поистоветувањето на женскиот род со матката не е навреда само за жените кои свесно одбираат дека не сакаат да раѓаат, туку и за оние кои поради било кои здравствени причини не можат да имаат деца.
Главна цел на телото на жената е да ја води кон нејзините цели, какви и да се тие.
2. Женското тело мора да се среди до совршенство.
Телото на жената не е проект, а клучот на нејзиниот успех и среќа не лежи во неговото усовршување. Тоа нема да биде совршено ако изгубите десет килограми, ги обликувате стомачните мускули, или, пак, ласерски ги отстраните сите траги од брчки и влакна.
Она кон што треба да се тежнее е внатрешното задоволство, кое со сигурност ќе се манифестира и на надворешниот изглед.
3. Веѓите, трепките и косата се единствените дозволени влакна на женското тело.
Живееме во општество кое ги стигматизира влакненцата на телото, до таа мера што во последно време се популаризира и идејата за бричење на женското лице. Конечната одлука е на вас.
Ако сакате да се бричите, депилирате, или, пак, трајно да ги отстраните влакната, тоа си е ваша работа. А, доколку сакате да се одморите од истото, тогаш не им дозволувајте на другите да ве уверуваат дека сте ненормални или не водите лична хигиена.
Запомнете дека влакната на човечкото тело постојат со причина.
4. Женското тело не е силно и моќно.
Најдобар демант на оваа бесмислена лага се сите славни спортистки кои рушат рекорди и со својата сила би ги посрамотиле и повеќето мажи. Или, пак, сите жени кои извршуваат т.н. „машки“ работи подобро од „посилните“ половини.
Нема нешто кое женското тело не може да го направи.
5. Другите може да носат одлуки за женското тело.
Патријархалното општество сака да ни наметне слика за идеалната жена, според која мора да се моделирате себеси.
Политичарите сакаат да носат одлуки поврзани со репродукцијата на жената, а некои се обидуваат да одредат и како, кога и под кои услови таа може слободно да ужива во сексуалното задоволство.
Вашето тело е ваше, во полна смисла на зборот. И само вие одлучувате за него.
6. Најголема закана за женското тело е рак на дојката.
Оваа тешка болест е еден од најголемите женски непријатели. Но, при кревањето на свеста не смее да се заборави и на останатите здравствени проблеми, кои исто така претставуваат голема опасност за припадничките на понежниот пол.
Болестите на срцето високо котираат на листата, како и ракот на кожата, од кој заболуваат сѐ поголем број на жени, заради прекумерното изложување на сонце или пречестите одења на солариум.
М. А. | Црнобело