„Секогаш ја избирам својата природна коса, наместо моменталните трендови“
Уште од најмлади години на децата им се наметнуваат некои „општествено прифатливи стандарди“ за тоа како треба да изгледаат, каква облека да носат и како да се грижат за себе.
Затоа и често се случува оние кои отскокнуваат од тој стандард да бидат исмевани, па дури и навредувани, а со тоа да се создадат комплекси и трајно незадоволство од сопствениот изглед.
Оние кои не се во „калапот“ секогаш се повоочливи и не можат да поминат незабележано. Но, малите деца и младите личности тоа не го гледаат како предност, туку како хендикеп и поради тоа сè повеќе се трудат да се вклопат во општествено прифатливиот просек, наместо да ја ценат својата уникатност.
Така и за момците и девојките со виткани коси. Само затоа што мнозинството не изгледа така, овие личности можат да бидат принудени да се мразат самите себе поради физичкиот изглед. Најчесто, со возраста, сфаќаат дека единствено што можат да направат е слатко да се изнасмеат, но во детството не е таков случајот.
„А на кого имаш ваква коса?“
Коментарите се бесконечни: „А на кого е со ваква коса?“, „Не пробуваш да ја исправиш?“, „Скрати ја на нула, ќе ти порасне права“, „А вистинска ти е?“...
Како да е малку што на секоја фотографија се издвојуваш, па треба да ги слушаш и те коментари...
Но, потоа растеш!
И јасно ти е, дека твојата коса е подарок. Дека нема потреба да ја исправуваш, ниту да ја тегнеш со четка, а уште помалку да ја гориш со фен и преса.
Јасно ти е дека тоа што се издвојуваш, те прави и повидлив за другите. Ти успеваат многу состаноци, успеваш да правиш шеги на своја сметка и се ослободуваш од наметнатата слика што ја имаш за себе.
Јасно ти е дека „трпи за убавина“ нема апсолутно никаква смисла и се прашуваш: „Какви ли родители ги воспитуваа сите оние кои правеа да се чувствувам лошо поради својата коса?“
Доаѓаш до моментот кога знаеш дека веќе никогаш нема да нанесеш никаква хемикалија за исправување, ниту ќе ја гориш косата со пеглата - тоа е вистинска траума и за влакната и за кожата на главата.
И повторно, јасно ти е дека имаш вистински подарок од природата.
Е. Д. | Црнобело