Познати дами кои гордо зборуваат за своите телесни мани
Мноштво славни жени биле мета за критики од соработниците, сугерирајќи им да ги коригираат ткн. „физички несовршености“. А, тие одлучно се спротивставиле на таквите предлози.
Едни ѕвезди претеруваат во желбите да го достигнат совршениот изглед, па се подложуваат на бројни скапи естетски третмани и пластични операции. На крајот – делуваат комплетно вештачки.
Од друга страна, постојат и спротивни примери. Иако можат да си дозволат интервенции од најдобрите хирурзи и дерматолози, тие не се решиле да го променат она што природата им го подарила.
Во таа категорија се и жените што отворено дискутираат на тема дебелина, стрии, или, пак, лузни, без трошка срам да се прикажат себеси баш такви какви што се. Ова се познатите дами кои гордо зборуваат за своите телесни мани:
Криси Тајген (32)
Кога познатата манекенка објави фотка од стриите на нозете, доби илјадници позитивни коментари од други девојки на Инстаграм. Тие беа воодушевени од фактот што убавицата не ги крие своите несовршенства.
Се јавија и дежурните критичари, кои сметаат дека личност што се занимава со манекенство, мора да повнимава на сопствениот изглед, како и да го спречи настанувањето на стрии. Доследна на себеси и личните принципи, Криси Тајген го кажа следното:
„Имам и јас еден куп апликации за ретуширање, ама едноставно не сакам да го правам тоа. Мислам дека заборавивме како изгледаат вистинските луѓе. Стигнавме до точка луѓето потполно да си го менуваат обликот на телото. Тоа не е чесно. Никој не може да се споредува со нереалните стандарди.“
Синди Крафорд (52)
За многумина една од најубавите жени на сите времиња, во тинејџерските години била предмет за потсмев на соучениците, само поради големиот младеж над усните.
Синди Крафорд признава дека во тие денови размислувала да го отстрани, но покасно се откажала од идејата:
„Денес е делче од моето лице за кое воопшто не размислувам. Тоа е она по што сите ме паметат. И многу други жени со големи младежи се поистоветуваат со мене.“
Леа Мишел (32)
На тринаесетгодишна возраст, агентите за кастинг ѝ рекле на младата и перспективна актерка, дека ќе мора да го оперира носот. Подоцна истото ѝ го предложиле и нејзините менаџери.
Победничкиот став на непоколебливата Леа Мишел денеска гласи:
„Немате претстава колку пати ми имаат кажано да си го средам носот, бидејќи вака не сум била доволно убава. Меѓутоа, јас им докажав на сите дека тие не се во право.“
Минди Калинг (39)
И таа е една од славните жени на кои им било предочено дека не се доволно убави за успех. Облините не се баш секому по волја, но ова не значи дека Минди Калинг има намера да изгуби килограми, како би ги задоволила холивудските норми за физичкиот изглед.
Во книгата „Is Everyone Hangign Out Without Me?“, шеговито се осврна на темата:
„Дали некогаш сум ја погледнала Жизел Бундшен, помислувајќи си дека животот би ми бил супер, ако никогаш повеќе не мора да носам мидери? Па, секако дека да. Ама, тоа не ми е на листата со приоритети и на списокот со работи кои сакам да ги направам во животот.“
Кели Рипа (48)
Популарната американска водителка и глумица секогаш прва се шегува на сметка на своите мали гради, за кои неретко вели дека се „непостоечки“.
На почетокот од кариерата, многумина ѝ советувале на Кели Рипа да ги зголеми, но таа никогаш не ги послушала. Мајката на три деца е категорична по ова прашање:
„Никогаш не би ги оперирала градите. Среќна сум во сопствената кожа и со телото кое го имам.“
Падма Лакшми (48)
Ѕвездата со индиско потекло имала 14 години, кога во сообраќајна несреќа се здобила со тешка повреда на раката. Резултатот е лузна од 18 сантиметри. Никогаш не сакала да ја отстрани, дури ни кога модните агенти ѝ сугерирале да го стори тоа.
Падма Лакшми смета дека лузната ѝ е заштитен знак, издвојуваќи ја во морето класични убавици. Пораката што таа ја испрати е длабоко мотивирачка:
„Си ја сакам лузната. Поради неа сум личност со занимлива животна приказна. Ме потсетува дека можам да преживеам било каква болка.“
М. A. | Црнобело