Има ли лек за мрсната коса? Фризерите откриваат кој е најдобриот шампон за овој проблем
Дали „шампонот“ за суво миење ви е најдобар другар на дневна база? Дали имате чувство дека ја миете косата и само по неколку часа таа станува мрсна, леплива и нечиста? Добре дојдовте во светот на девојките со проблемот наречен мрсна коса.
Зошто косата се масти?
Мрсната коса и скалп се предизвикани од жлездите кои произведуваат себум (т.н. лојни жлезди) кои се наоѓаат во коренот на косата во слојот наречен дермис.
Каналите од лојните жлезди водат до фоликулите на влакното – местото каде што себумот од кожата доаѓа во контакт со скалпот. Она што треба да го запаметите е дека жлездите кај секој од нас произведуваат различна количина на себум, кај некои помала, кај некои поголема.
Овој процес е невозможно да се спречи со какви било производи, единствено е возможно малку да се намали количината на себум која се лачи. Мрсната коса ја одредуваат повеќе фактори, меѓу кои се и генетиката и стресот.
Исхраната, исто така, може да го диктира темпото на мрсење на косата. Избегнувајте пржена храна, премногу млечни производи, шеќери, рафинирани јаглени хидрати и преориентирајте се кон поздрава исхрана и масла.
Колку пати неделно треба да ја миете косата?
Како и најголемиот дел од жените, доколку се соочувате со овој проблем, веројатно ја миете косата секој или преку еден ден.
Проблемот е токму во тоа. Најдобро е да не ја миете косата пречесто. Колку почесто се мие, толку повеќе лојните жлезди лачат масла, бидејќи на тој начин се заштитува косата од пресушување. Прекумерното миење на косата ги отстранува природните масла од скалпот, па телото се обидува да ги надомести со нова количина.
Доколку може седмично да се ограничите на 2-3 пати миење на косата, тоа е најдоброто решение.
Кој шампон се покажал како најдобар за мрсна коса?
Верувале или не – шампонот од коприва е најдобриот природен шампон за решавање на овој проблем. Треба да ги избегнувате шампоните кои содржат масла или премногу други додатоци, особено оние 2 во 1 шампони.
Држете се до наједноставното правило – колку шампонот е попроѕирен–толку подобро. Оние кои се густи и делуваат како крем ќе ви ја измрсат косата дополнително.
Што се однесува до регенераторот, многу нормално е зошто не можете без него. Тој ги затвора и штити кутикулите, но внимавајте да го нанесете во мала количина, само на врвовите на косата и темелно и обилно исплакнете го при миењето.
Доколку ја миете косата пред спиење, можеби сте забележале дека наутро изгледа како да не е воопшто измиена, односно делува сплескано и масно.
Професионалците предупредуваат дека косата воопшто не е мрсна, туку само така изгледа. Причината е во тоа што во текот на ноќта, таа е притисната на перницата и всушност ѝ недостасува волумен. Ова е уште една добра причина да не ја миете косата пред спиење и да не си легнувате со мокра или полусува коса.
Влажната коса е уште почувствителна од сувата, а во текот на ноќта уште толку ќе се заплетка за време на спиењето, па врвовите дополнително ќе испукаат и ќе се оштетат.
(О)Милена | Црнобело