Зошто никогаш не ја добивате фризурата од фотографијата која служи за пример?
Илјадници жени надежно одат во фризерски салони, со исечоци од списанија, но уште поразочарани излегуваат оттаму, не знаејќи каде фризерот згрешил.
Реалноста најчесто е дека ниту фризерот промашил, ниту пак вие сте однеле лош пример за вашата желба. Како и за многу други нешта, така и успешноста на боењето и кратењето на косата е индивидуално.
Она што фризерите би сакале нивните клиенти да научат е дека сè зависи од три фактори: должината, густината и текстурата.
Вашата коса сигурно не е иста како, на пример, на Ријана или Џенифер Анистон по сите три критериуми. Затоа, вистинскиот професионален фризер ќе ви објасни дали воопшто можете да имате фризура како на Џенифер Анистон пред да ги земе ножиците и боите во раце. Можеби би можеле да ја имате должината, но различните густина и текстура ќе направат крајниот резултат да биде сосема различен од примерот.
Поради тоа, воопшто не е реално да очекувате вашиот фризер да го ископира стилот кој ви се допаѓа. Дури и ако успее да го постигне тоа, веројатно ќе биде потребно на неколку дена да ја фенирате или пеглате косата, но и да го смените начинот на кој се грижите за неа.
Затоа, пред да одлучите да правите драстична промена, разгледајте ги сите фактори. Доколку констатирате дека вашата коса се разликува по барем еден критериум од онаа на примерот, бидете подготвени дека резултатот ќе биде доста поразличен од очекуваното.
Е. Д. | Црнобело