5 работи кои треба да ги знаете пред првото бојадисување на косата
Кога гледате како познатите личности ја менуваат бојата на косата еднаш неделно, може да ви се причини дека тоа е лесна и едноставна постапка.
Промената на бојата на косата, било дома или во салон, е голем чекор и мора да се подготвите за поинаква нега од онаа на која досега навикнавте.
Ова се пет нешта што треба да ги знаете пред првпат да ја офарбате косата:
Бидете сигурни дека знаете што сакате
Доколку сакате да постигнете точно одредена боја, оставете тоа да го направи професионален фризер. На вас е само да истражите што сакате, за да може фризерот да процени дали ќе успее да ја постигне бојата уште при првиот обид или ќе бидат потребни повеќе интервенции.
Имајте на ум дека новата боја многу зависи и од основата, односно вашиот природен пигмент. Така, нијансата која ја одбравте од каталогот, може различно да излезе кај пет различни личности. Послушајте го фризерот и не инсистирајте тврдоглаво доколку тој процени дека таа боја не е за вашата коса.
Бидете подготвени на долготраен процес
Фарбањето на косата трае долго, особено доколку ја осветлувате бојата на косата. Потребно е фризерот да ве премачка со боја, па да ја држите на главата најмалку 40 минути, потоа миење, стилизирање, негување... И истото ќе треба да го повторувате на три до пет недели, доколку сакате да ги задржите сјајот и свежината на косата.
Може да чини доста пари
Колку покомплицирана желба имате, толку поскапо ќе биде фарбањето и одржувањето. Прво, треба да го платите фризерот и неговото време, а потоа и да инвестирате во соодветни козметички производи, бидејќи не може да продолжите да ја негувате косата со истите производи.
Промената на бојата може да ја промени и текстурата на влакното
По неколку боења, очекувајте дека косата ќе ви се оштетува побрзо, ќе се суши или поинтензивно ќе се масти, а влакното ќе стане остро и диво. Ова е навистина голема промена и мора да бидете подготвени на неа.
Интензивните шарени бои избледуваат многу брзо
Видеата на кои гледаме како косата прелева како виножито навистина се хипнотизирачки. Но, во реалноста, за оваа боја „да фати“, косата мора најчесто да биде бланширана и третирана со високопроцентен хидроген. Потоа, овие шарени бои не содржат хидроген и амонијак, односно ја бојат косата површински. Затоа и избледнуваат по три до четири измивања.
Е. Д. | Црнобело