5 практични трикови за додавање волумен на тенката коса
Ако имате тенко влакно, тогаш сигурно се соочувате со проблеми како што се коса без волумен, која често е залепена за главата и може да изгледа неуредно, дури и кога е тукушто измиена.
Но, ваквата состојба може да се должи и на грешки кои несвесно ги правите при негата на вашата коса.
Нанесувате регенератор по целата должина
Регенераторот е неизбежен дел од негата на косата, кој по миењето ја прави помека и полесна за чешлање. Но, најголема грешка која ја правите е нанесувањето регенератор по целата должина на косата, дури и во коренот. Најдобро е да го нанесувате од половината на должината кон врвовите, а кога ќе стигнете до врвовите, нежно да го втриете со помош на нежна масажа.
Ја исправувате косата со пегла
Иако вашата коса изгледа мазно и средено, со секое повлекување на пресата за коса вие го горите, истегнувате и истенчувате влакното. Обидете се да не го правите ова секојдневно. Додајте волумен со тоа што наместо со преса-пегла, ќе истегнувате со округла четка при фенирање.
Претерано користење на производи за волумен
Ако користите спреј или пудра во прав за зголемување на волуменот, важно е убаво да ги измиете од вашата коса, па дури и да направите нежен пилинг со специјален производ за таа намена или пак со сода-бикарбона растопена со мала количина вода (малку поретка од густината на пастата). Доколку не ги измиете добро сите производи за обликување, може да предизвикаат токму спротивен ефект, особено ако се измешаат со пот и нечистотии од надворешната средина.
Погрешна форма на косата
Косата која природно е тенка и мека, треба да биде потсрижана со степени, наместо да ја носите рамна. Објаснете му на вашиот фризер што сакате да постигнете и тој ќе знае како да ги изведе степените кои ќе додадат волумен на вашата коса.
Пена за стилизирање на косата
Овој производ е задолжителен за девојките и жените кои имаат тенка коса без волумен. Откако ќе ја измиете косата и ќе оставите да се впие вишокот вода во крпа, исушете ја делумно со фен. Потоа земете пена за коса, нежно размачкајте на двете дланки и почнете да ја туткате вашата коса, почнувајќи малку под коренот. Потоа досушете со фен.
На овој начин ќе добиете доволно волумен за следните неколку дена. Имајте на ум дека пената кога ќе се измеша со пот, може да направи косата да се залепи за главата, па ако изберете да ја стилизирате косата на овој начин, ќе треба да ја миете почесто, следејќи го следниов начин: меѓу две миења со вообичаениот шампон, во распон од седум дена, треба да има едно миење со многу благ шампон и плакнење со топла вода.
E. Д. | Црнобело