3 навики кои треба да ги промените за да се ослободите од темните кругови под очите
Подочниците се последица на нашиот животен стил - како од начинот на исхрана, така и од нередовното спиење и други штетни навики.
За да се ослободите од овие темни кругови, потребно е да направите промени на многу навики, но и да користите соодветен козметички производ за нега на тенката кожа околу очите.
Променете го вашиот начин на исхрана
Ако очите често ви се натечени или имате чувство дека кожата околу нив се претворила во „перничиња“, тогаш вниманието насочете го кон она што го јадете и пиете. Намирниците кои содржат повеќе сол, како и алкохолот, најмногу влијаат на задржувањето на течности во организмот што предизвикува создавање на отоци.
Доколку ги избегнувате овие работи, многу брзо ќе забележите дека вреќичките околу очите се намалуваат, како и отоците во целиот тој дел на лицето. Воедно, доколку се одлучите подолго време да ги избегнувате солената храна и алкохолот, сосема сигурно е дека ќе забележите и слабеење, па ете ова е уште една добра причина во исхраната да воведете повеќе овошје и зеленчук и многу големи количини на здрава течност, особено обична вода.
Не ги тријте очите
Можеби не сте знаеле, но притисокот што настанува при триењето на очите може да предизвика појавување на темни дамки или пигментација на кожата во тој дел од лицето. Освен што се менува пигментот, таа станува и црвена, па потоа ќе изгледате како да сте се плачеле цел ден.
Ако тогаш се погледнете во огледало, тоа што ќе го видите нималку нема да ви се допадне. Затоа, доколку ја имате оваа навика, обидете се полека да ја отфрлите.
Спијте на перница
Доколку спиете на рамна површина, без никаква физичка поддршка на главата, голема е можноста вишокот на вода која се собира во организмот во периодот кога спиете да се насобира и во пределот на очите. Поради тоа, може да се разбудите со големи отоци на лицето.
Обидете се неколку вечери да спиете со перница под главата, за циркулацијата подобро да работи и течностите да се распределат рамномерно низ целото тело и да се намалат отоците околу очите. Разликата ќе биде очигледна, а вие ќе изгледате свежо и наспано.
E. Д. | Црнобело