Познати фаци кои не користат дезодоранс – сите имаат свои причини
Кога славните личности чекорат на црвениот тепих, сето внимание е насочено на нивниот изглед, од прекрасно стилизираната коса и шминка, па до скапоцената дизајнерска облека и накит. Но, сте се запрашале ли како всушност мирисаат?
Изгледот неретко лаже. Иако делуваат апсолутно величествено кога ќе излезат на големата сцена, дел од ѕвездите не фасцинираат и со мирисот што го оставаат зад себе. Личната хигиена не е често дискутирана тема во светот на шоу бизнисот, бидејќи секогаш се претпоставува дека нам омилените ликови мирисаат како што изгледаат.
Меѓутоа, сигурно ќе ве изненади податокот дека голем број од нив одбиваат да стават дезодоранс, туку го преферерираат природниот мирис на телото. Од алергиски реакции до грижа за природата, сите имаат сопствени причини поради кои се противат на употребата на ваквиот тип на козметика.
Ова се познатите фаци кои не користат дезодоранс:
Бредли Купер
Наместо дезодоранс, актерот се бања повеќепати во текот на денот. Бредли Купер ја образложи својата одлука во интервјуто за магазинот Esquire во 2012 година.
„Веќе не користам дезодоранси. Но, затоа често се капам, па тоа веројатно ми помага. Се туширам наутро и навечер. И после вежбање. Значи трипати дневно.“
Камерон Диаз
Промовирајќи го филмот „The Other Woman“ во 2014 година, русокосата глумица призна за E! News дека не видела дезодоранс цели две децении. „Јас не верувам во антиперспиранти. Мислам дека се штетни. И немам користено дезодоранс скоро 20 години.“
Запрашана дали истото важи и за мажите, Камерон Диаз недвосмислено одговори: „Да! Само нека се избричат под пазувите за да не се задржува мирисот.“
Метју Меконахи
Оскаровецот инсистира дека мажите треба да мирисаат „машки“. Што значи ова според Метју Меконахи?
Во интервју за магазинот People, мачо актерот го даде одговорот: „Цели 20 години не сум ставил дезодоранс. Не ми е мажествено.“
Дајен Кругер
Додека некои ѕвезди го отфрлаат део-спрејот од лични убедувања, холивудската актерка е принудена да го направи тоа, бидејќи е алергична.
Говорејќи за ритуалите за убавина и омилената козметика, Дајен Кругер во разговорот InStyle UK откри што користи како замена: „Наместо дезодоранс, се прскам со парфем под пазувите.“
Том Форд
Дизајнерот кој везден се труди остатокот од светот да мириса и изгледа прекрасно, во приватниот живот баш и не води толкава грижа за себеси.
По промоцијата на парфемот „Black Orchid“ во 2007 година, Том Форд објасни зошто воопшто не користи дезодоранс.
„Го обожавам природниот мирис на човечкото тело. Мојот е малку на пот – малку на куче. И ми се допаѓа. Тоа е она што нѐ привлекува еден со друг. Не сакам чисто. Не сакам мирис на сапун.“
Кортни Кардашијан
Милионите обожаватели на ѕвездата на реалното шоу, добро се упатени дека таа последните години води еколошки освестен живот. Кортни Кардашијан е опседната со органски продукти, а дезодорансот не спаѓа во нив.
Во епизода од 2013 година, поранешниот сопруг Скот Дисик ѝ се пожали на помалата сестра Клое Кардашијан, дека неговата љубена „смрди“. „Не сака да стави дезодоранс, затоа што си мисли дека ќе ѝ штети на доењето.“.
За среќа на ближните, таа сепак го симна ветото во 2017 година, по што јавно објави дека во иднина ќе користи дезодоранси на природна база.
Леонардо ди Каприо
Дезодорансите не се во хармонија со природата ни за холивудскиот шармер и активист за животната средина. Леонардо ди Каприо штеди и вода, па се капе само двапати неделно.
Извори блиски на глумецот открија дека тој „мисли дека дезодорансите се неприродни“, па иако важи за голем заводник, бившите девојки неретко се жалеа поради неговата лична (не)хигиена.
Џулија Робертс
Слично како и колегата, една од најубавите жени во светот е поборничка за екологијата, па внесува зелени алтернативи во секојдневието. Актерката е таинствена, па не зборува на оваа тема.
Во интервјуто со Опра Винфри од 2008 година, Џулија Робертс истакна дека тоа е нејзина приватна работа. „Факт е дека не користам дезодоранс. Меѓутоа, не сакам да го споделувам со мноштво луѓе. Едноставно не ми се допаѓа.“
Можете ли да го замислите сопствениот живот без дезодоранс, или, пак, антиперспирант?
M. A. | Црнобело