Време е за плажа: Како најбезбедно да се сончате?
Иако голем дел од златните правила на сончањето веќе ви се добро познати, никогаш не е лошо да ги повторите и уште поважно, да ги применувате на дело.
Пред сè, запаметете дека дури ниту најквалитетниот лосион за сончање, со највисок заштитен фактор, не нуди 100% заштита од УВ-зрачењата.
Убавото време мами да поминуваме подолг период надвор, изложени на сончевото зрачење. Но, кремите со заштитен фактор не секогаш се доволна заштита од УВ-зраците, дури и ако веќе имате потемнет тен.
Поради тоа, избегнувајте да бидете долго изложени на сонце меѓу 10 и 16 часот, кога зрачењата се најсилни. Задолжително користете козметички производ со соодветен заштитен фактор и внимателно прочитајте на упатството за употреба колку време сте заштитени и кога повторно треба да нанесете.
Понекогаш ниту чадорот за на плажа не е доволна заштита, а дури и кога сте под апсолутна сенка, ултравиолетовите зрачења стигнуваат до вас. Потсетете се само колку пати сте добиле „боја“ дури и кога сте биле цел ден под чадор.
Кога е во прашање бојата на облеката, белата маичка помалку ќе привлекува топлина, но ве штити прилично малку од УВ-зрачењата, додека пак темната облека ја привлекува топлината, но заштитува нешто повеќе од светлата облека од зрачењето.
Дури и во последните денови од одморот, кога веќе сте добиле летен тен, треба да продолжите со нанесување креми или лосиони со заштитен фактор. Нанесувајте соодветни креми за лицето и за ушите и заштитете ги вратот и деколтето. Не заборавајте на шеширот, ниту на квалитетните очила за сонце.
Заштитните креми треба да се нанесат 15-30 минути пред излегување на сонце. Обновувајте ги по секое капење, бришење со крпата или потење, бидејќи на овој начин се измива 30-40% од нанесената количина.
Е. Д. | Црнобело