7 секојдневни навики со кои си ја уништувате кожата и предизвикувате акни
Редовно се грижите за своето лице, но што и да направите, повторно имате црвенило и акни? Можеби проблемот е во некои навики за коишто никогаш не би помислиле дека е можно да му наштетат на вашето лице и лошо да влијаат врз тенот.
Прочитајте кои наивни навики спречуваат да имате прекрасна и негувана кожа, без разлика колку и да се трудите во тоа.
Не го чистите екранот на мобилниот телефон
Во текот на една година поминуваме во просек 23 дена со мобилниот телефон на уво. А сега, обидете се да се сетите кога последен пат го имате исчистено, макар и само површно.
На површината на вашиот мобилен телефон се собираат бактерии, прашина, епителни клетки и многу други нечистотии кои ги пренесувате со прстите. При секој разговор, контаминираната површина е во допир со вашето лице.
Потребно е барем еднаш дневно да го избришете телефонот со антибактериско влажно марамче или со парче памук потопено во алкохол. Чистете го и лицето со мицеларна вода или тоник којшто одговара на вашата кожа.
Нередовно менување на навлаките од перниците
Особено во летниот период, навлаката од перницата треба да се менува најмалку еднаш, а најдобро двапати неделно, бидејќи повеќе се потите. Слична навика треба да задржите и преку целата година. На навлаката за перница лесно се собираат мртви клетки од кожата на лицето, нечистотии, масла од косата и бактерии.
Не ги чистите очилата за сонце
На рабовите на очилата, но и на рачките кои одат зад ушите се собираат нечистотии кои ги затнуваат порите на горниот дел од носот, на образите и околу ушите. Ова се случува и поради потењето во деловите каде очилата ја допираат кожата.
Слично како и за мобилните телефони, така и очилата треба да ги чистите со антибактериско марамче, а лицето да го измиете со секојдневен гел за миење и да направите пилинг во делот околу носот.
Премногу го допирате лицето
Понекогаш е тешко да избегнете да го допрете лицето иако рацете ви се нечисти. Често имате потреба образот да го потпрете со рака или пак да ја наслоните брадата врз дланката, без да размислите дека треба да ги измиете рацете, бидејќи се целосно контаминирани. Чувствителната кожа веднаш реагира на овие дразби со црвенила, чешање и акни.
Косата секогаш ви го допира лицето
Влакната се прекриени со масла од темето на главата, со козметички препарати за нега и со прашина и пот. Со секое допирање на косата до вашето лице, нечистотиите се пренесуваат на кожата и може да предизвикаат иритации и акни. Кога е претопло и кога ви се поти косата, носете ја врзана во опавче, за да се спречи пренесувањето на нечистотија на кожата.
Не користите доволно креми за лице
Без разлика каков тип на кожа имате на лицето, потребно е да најдете соодветен козметички производ за нега и хидратација. Пазарот е богат со голем избор на производи и меѓу нив е скриен токму оној којшто одговара на вашата кожа. Консултирајте се со козметичар или дерматолог, за да можете полесно да го најдете производот за вас.
Премалку спиете
За време на спиењето се намалува нивото на кортизол во организмот и тогаш кожата најбрзо се обновува. Кај оние кои премалку спијат, нема доволно време за да се случи тоа и затоа нивната кожа е иритирана и склона кон акни. На возрасните личности им се потребни 7 до 9 часа квалитетен ноќен сон.
Е. Д. | Црнобело