10 грешки кои треба да ги избегнувате при шминкањето за на работа
Секоја жена која е љубител на декоративната козметика се соочува со предизвик на работното место: да ја изрази својата индивидуалност.
Во потрага по професионален и софистициран изглед, незанемарувајќи ја својата љубов кон шминките, понекогаш е тешко да се пронајде балансот.
Колку шминка е доволно? Кои се најчестите грешки кои ги прават жените при шминкањето за на работа во потрага по совршено полиран изглед?
1. Заборавате на осветлувањето во канцеларијата
Дали вашата канцеларија има природна светлина или флуоресцентни неонки? Доколку работниот простор ви припаѓа во втората категорија, бидете свесни дека ова светло ве покажува секогаш во најлошо издание и е убиствено за шминката. Доколку носите премалку, изгледате бледо, а доколку пак сте претерале со шминката, светлото дополнително ги акцентира сите нагласени делови. Клучот е во умереноста, за да се избегне уморниот ефект од силната светлина на неонките.
2. Премногу металик сјај
На работа треба да изгледате професионално, не како да се подготвувате за луда ноќна журка. Избегнете ги сите сенки за очи со металик сјај и кармините и сјајот за усни со светкав и бисерен финиш. Доколку сакате малку сјај, нежно нанесете тенок слој руменило кое ќе рефлектира здрав и природен изглед, наместо сите оние тешки бронзери.
3. Не носите никаков кармин за време на важна презентација
Кога зборувате пред толпа луѓе, сакате тие да обрнуваат внимание, но не поради погрешните причини секако. Одберете суптилна, но доволно смела нијанса на кармин која ќе ви даде идентитет и ќе ви го донесе посакуваниот ефект. Корална или нијанса на розово се одличен избор за вашиот изглед кога имате важен состанок или презентација.
4. Ставате премногу пудра
Преголема количина на пудра прави вашето лице да изгледа како торта или како да сте размачкале паштета на истото. Нанесувањето на неколку слоеви пудра не ви гарантира покривање на недостатоците. Обидете се да ги покриете со коректор или мала количина на тониран крем, откако сте нанеле течна пудра во количина колку големината на еден бадем.
5. Си ја проверувате шминката пречесто
Доколку имате огледало на работното биро, и постојано се ѕиркате и го отварате несесерот повеќе од 3 пати за да си ја поправите шминката, тоа со сигурност е грешка која не сакате да ја правите на работното место. Поправањето на малите недостатоци зачувајте го за во тоалетот, не пред вашите претпоставени.
6. Заборавате на обликувањето на веѓите
Ако очите се прозорци, веѓите се дефинитивно онаа убава скапа рамка која го комплетира целиот изглед. Дефинирањето на веѓите го доловува оној негуван и професионален изглед. Одберете молив во нијанса која му одговара на вашиот тен и нежно пополнете ги, а потоа поминете ги со мала четка за убав изглед.
7. Премногу сјај на усните
Зачувајте ги светкавите сјајчиња за вечерните излегувања. Сјајот за усни изгледа поинаку преку ден, а на работното место е целосно непотребен. Наместо пополнување на усните со светкави и лепливи сјајчиња нанесете обоени лабела или нежни мат кармини.
8. Премногу агресивно контурирање на лицето
Веројатно сите имаме по една добра четка за контурирање и ни е од одлична помош кога сакаме оптички да го издолжиме носот или да ги истакнеме јаболчниците. Но, пресилното контурирање за на работа делува по малку смешно и вештачки. Доколку сепак не можете да се откажете, контурирајте го лицето со производи најмногу 2 нијанси потемни од вашиот природен тен.
9. Заборавате на руменилото
Соочени со стравот да не претерате со шминката за на работа, најчесто го игнорирате или го заборавате руменилото. Еден нежен слој ќе ја направи целата разлика во изгледот, без разлика дали станува збор за руменило во топла, студена или неутрална нијанса.
10. Се шминкате на работното место
Малите поправки на карминот за усни или поминување на Т-зоната за отстранување на вишокот сјај се дозволени, но истурањето на сета ваша козметика на работното биро и шминкањето на работа не доаѓа предвид.
Жртвувајте 10 минути наутро од вашиот сон и дојдете на работа свежи и целосно подготвени. Тоа воедно зборува многу, како за вашиот изглед, така и за вашиот карактер.
(О)Милена | Црнобело