Забавни летни активности за вашето дете со кои и вие ќе се вратите во детството
Кампувајте во дворот
Ако имате двор, можете да си направите шатор, па дури и да ја поминете ноќта таму.
Нема потреба да купувате шатор, бидете креативни и импровизирајте со чаршафи, прекривачи и слично.
Фаќајте светулки
Овие инсекти ги прават летните ноќи навистина волшебни. Ако некаде во близина на домот сте забележале светулки, со вашите деца фатете неколку и ставете ги во тегла. Откако ќе завршите со играта, добро би било повторно да ги пуштите на слобода.
Оваа активност е одлична за пред спиење бидејќи сигурно ќе ги измори вашите деца.
Направете домашен тобоган
Знаевте ли дека можете да си направите „тобоган“ во вашиот двор? За ова ви се потребни само големи најлонски вреќи и црево или прскалки за наводнување.
Поставете ги вреќите на земјата како лизгалка и или вклучете ги прскалките за наводнување до вреќите, или пуштете го цревото на нив.
Направете штанд за продавање цвеќе
Ако имате цвеќиња во вашиот двор, одберете неколку и покажете му на детето како да направи штанд за да ги продава. На овој начин детето не само што ќе се забавува, туку и ќе научи нешто за одговорноста и водењето бизнис.
Ако немате цвеќиња, можете да направите и штанд за продавање лимонада со кој ќе ги освежите и вашите соседи.
Научете го да прави венчиња од цвеќе
Како мали сигурно барем еднаш сте правеле венчиња од цвеќе, а сега можете да ја пренесете оваа вештина и на вашето дете. Одете во парк, во природа или во вашиот двор, соберете ги најубавите цветови и забавувајте се.
Направете летна плејлиста
Летото не може да помине без музика. Покажете му ги на детето вашите омилени летни песни и заедно направете плејлиста што ќе ве забавува во текот на целото лето.
Спирова С. | Црнобело