Грицкање нокти, кажување пцости - Како да го одвикнете детето од најчестите лоши навики?
Допирање на косата
Постојаното допирање на косата одвреме-навреме се јавува кај повеќето деца. Но ако оваа навика е постојана, добро би било да преземете нешто.
- Најпрво откријте ја причината за оваа навика и помогнете му на детето да ја сфати.
- Ако детето има многу енергија, најдете му некоја активност како танцување, спортување и слично.
- Можете да најдете и алтернатива – дајте му на детето кукла со долга коса со која ќе може да си игра.
Користење непристојни зборови
Децата впиваат сè околу нив, па не треба да ве изненади ако вашето малечко научи некоја пцост. Но, ако ова стане навика, ќе треба да преземете нешто.
- Осигурете се дека детето добива доволно внимание. Децата кои се игнорирани и помалку слушани почесто користат лош јазик.
- Внимавајте какви серии, филмови и емисии гледа вашето дете. Дозволете му да гледа работи погодни за неговата возраст.
- Немојте да бидете гневни ако детето каже пцост или друг лош збор, туку смирено објаснете му зошто не треба да користи таков јазик.
- За крај, внимавајте на зборовите што ги користите вие. Голема е веројатноста детето да ги научило пцостите во домот.
Лажење
Постојат неколку причини зошто детето лаже – да прикрие нешто, да ја направи приказната поинтересна, да ви го привлече вниманието и слично. Но, ако сте забележале дека лажењето станува сè почесто, ќе треба да се ослободите од таа навика.
- Охрабрете го детето да ја кажува вистината. Докажете му дека нема да го казните или да му викате ако ви каже што точно направило.
- Избегнувајте да го ставате детето во ситуации кога треба да лаже. Ако, на пример, истурило млеко, не го прашувајте дали тоа го направило нередот. Наместо тоа, кажете му дека се истурило млеко и сега заедно треба да го исчистите.
- Разговарајте со детето за лажењето. Кажете му дека ова е лоша навика со која ги повредува другите.
Бришење раце од облеката
Одвреме-навреме сите деца си ги бришат рацете од облеката. Но понекогаш, ова однесување се претвора во навика.
- Секогаш давајте му шамивче или крпа на детето за време на јадење. Притоа потсетувајте го да си ги избрише устата и рацете кога ќе заврши со јадењето.
- Ако детето прави нешто што ќе му ги извалка рацете, како сликање со водени бои, секогаш давајте му и крпа.
- Не му викајте на детето кога ги брише рацете од облеката. Подобро смирено објаснете му дека не треба да го прави тоа.
„Зависност“ од екран
Факт е дека сите минуваме премногу време пред екран, но добро би било да го одвикнете детето од ова.
- Со пример покажете му на детето кои активности се подобри од зјапање во екран. Нека ве види како читате книга, како цртате или нешто слично.
- Одвојте време за заеднички активности. Наместо дома да гледате телевизија, играјте си со вашето дете, цртајте, читајте, слушајте музика…
- Ограничете го времето поминато пред екран. Одредете време кога детето ќе може да користи смартфон, компјутер или слична направа.
Спирова С. | Црнобело