Секое дете би требало да расте со една ваква баба...
Сè повеќе модерни градинки и училишта на децата им нудат враќање на природата и правите вредности – дрвените играчки, музиката и музичките инструменти, физичка активност, развивање на креативноста...
За среќа, јас ја имав мојата баба која сето тоа го правеше несвесно, со леснотија, сакајќи да уживам во животот максимално.
Мојата баба беше строга, бистра и со остар јазик, но сепак се топев кога ќе ја гушнев. Права баба!
Се потпишуваше со прстот, бидејќи не знаеше да чита и пишува, но знаеше да брои и пресметува, бидејќи така никогаш не можеше да ја прелажат кога купуваше во продавница или на пазарче.
Ме научи на сè. Готвевме секакви рецепти, а кога месеше колачиња, ми даваше да го развлечам тестото, да си играм со брашното и да го имитирам она што таа го прави.
Тогаш тоа беше само игра, но сега сфаќам дека од мали нозе ме учела на самостојност, што е заповед број еден на големиот педагог Марија Монтесори.
Ги храневме кокошките, кучињата и мачките кои ги чуваше. Така од малечка научив да сакам животни.
Постојано бевме во двор или пешки до лозјата и уште тогаш сфатив колку природата е важна за човекот. Одеше бавно, нога пред нога, бидејќи не можеше побрзо, но тоа не беше важно бидејќи никаде не брзавме. Важно ни беше само да стигнеме.
Немав многу играчки, а тогаш сакав само една – дрвен коњ. Сега ми е смешно кога ќе се сетам колку само фантазиравме дека сами ќе направиме коњ од дрво.
Неодамна читав колку е важно детето да не биде затрупано во играчки и дека со фантазијата се додаваат елементите кои не постојат, бидејќи токму таквите мисловни процеси ја развиваат креативноста.
Игравме Домино, Не лути се човече, ме учеше како да не се лутам кога губам, дека однапред треба да размислувам за идните потези и дека секогаш можеме да почнеме одново кога работите нема да тргнат како што сум планирала.
Секое дете би требало да има една ваква баба која низ забава го учи и никогаш ниту една градинка нема да може да ја замени.