Знаци кои покажуваат дека е време за сериозен разговор со вашето дете
На возрасните неретко им е тешко да го разберат детското однесување. Сепак, со децата никогаш не можете со сигурност да знаете кое однесување е нормално, а кое не.
Па, како да знаете дали треба да поразговарате со вашето дете во врска со неговото однесување и неговите емоции?
Постојат неколку детски однесувања на кои треба да обрнете внимание, бидејќи најчесто се знак дека на вашето малечко му е потребен разговор со вас.
Погледнете за кои станува збор:
Постојани бурни реакции
Ако вашето дете бурно реагира на сè, можеби на тој начин ги искажува неговите прикриени чувства. Овој начин на реагирање е всушност одговор на ситуации што на детето му изгледаат заканувачки.
Кога ќе се најдете во ваква ситуација, прашајте го вашето дете зошто реагира бурно и обидете се да ја најдете вистинската причина.
Постојан гнев
Децата можат да се почувствуваат гневно од разни причини. Но, ако гневот е нешто што постојано го забележувате кај вашето дете, тогаш време е за разговор.
Понекогаш гневот може да биде знак за детска анксиозност, па дури и за дефицит на внимание и хиперактивност.
Доколку сметате дека станува збор за посериозен проблем, секогаш можете да се консултирате со професионалец.
Постојана тага и нервоза
Ако вашето дете постојано е тажно, дури и кога нема причина за тоа, морате да преземете нешто.
Најпрво прашајте го детето зошто е тажно и дали можеби се случило нешто. Потоа обидете се да го утешите и заедно да најдете решение на проблемот.
Необјаснето намалување на оценките
Ако вашето дете имало добри оценки, но одеднаш попуштило со успехот, добро би било да ја најдете причината за тоа.
Децата можат да го запостават училиштето од разни причини, вклучувајќи врсничко насилство, проблеми со материјалот и слично.
Па, ако забележите промени во академскиот успех на вашето дете, важно е да разговарате за тоа. Само обидете се да не бидете престроги, бидејќи во спротивно детето може да го премолчи проблемот.