7 животни лекции кои можеме да ги научиме од децата
Децата имаат неверојатна моќ да ги расположат сите со нивниот ведар, безгрижен и весел дух и да „нацртаат“ многу насмевки на нашите лица.
Сите можеме да се согласиме дека детските денови се најубави. Полни се со смеа, радости, солзи, безгрижност, палавост, храброст, возбуда, љубопитност и љубов. Понекогаш посакуваме да се вратиме токму во овие денови и магично да ги снема сите грижи и проблеми кои ги имаме.
Изгледа како сите деца да знаат нешто што возрасните го забораваат кога ќе созреат. Децата се одличен пример за чиста и невина душа. Па затоа зошто да не го свртиме „тркалото“ наопаку и наместо ние нив да ги учиме што е добро, а што не, да ги оставиме тие нас да нè научат на неколку животни лекции.
Ова се животните лекции кои можеме да ги научиме од најмалите:
Не треба да се плашиме да пробуваме нови работи
Децата најчесто се секогаш први да пробаат и да искусат некое ново доживување. Како возрасни секогаш дозволуваме стравот од неуспех и од последиците да не надвладее и многу тешко се одлучуваме на нови работи.
Децата се оние кои секогаш излегуваат надвор од границите и ризикуваат.
И секогаш е подобро да жалиме за нешто што сме го направиле отколку да се каеме цел живот што сме немале храброст да испробаме, зарем не?
Треба да бидеме љубопитни
Љубопитноста нè доведува до еден степен на задоволство. Децата се многу љубопитни и секогаш прашуваат и пробуваат. Тие знаат дека љубопитноста е најдобрата врата за учење на нови работи и доживувања.
Кога ќе ја изгубиме љубопитноста во нас и желбата за сознавање и истражување еден мал дел во нас престануваа да живее и ние живееме монотон и еднобоен живот.
Треба секогаш да поставуваме прашања
Многу често се плашиме да поставиме прашање, водени од тоа што би помислиле за нас и како другите би го сфатиле тоа прашање. Децата во овој дел се многу бестрашни.
Тие понекогаш поставуваат и бесмислени прашања од типот зошто небото е сино, но тоа е резултат на нивната желба да учат и сознаваат.
Нивните прашања најчесто се поттикнати од нивната љубопитност и желбата за дознавање и учење на нови работи.
Да сакаме безусловно
Колку и да звучи ова клише не можеме да негираме дека не е точно. Децата љубат и сакаат безусловно и со чиста душа. Тие не знаат за омраза и непријателства.
Чувствата како омраза и љубомора кај нив се јавуваат многу подоцна кога ќе „излезат“ во реалниот свет и ќе имаат потреба од чувства кои ќе ги користат како одбранбен механизам против неправедниот и суров свет.
Во ред е да плачеме кога се чувствуваме тажно
Плачењето е емоција која возрасните најчесто ја потиснуваат или пак се плашат и не се чувствуваат удобно да ја покажат. За разлика од возрасните, децата плачењето го гледаат како нешто сосем нормално.
Плачењето помага да се ослободиме од нашите емоции на здрав начин, без да ги потиснуваме во нас и да ги претвораме во гнев.
Затоа, понекогаш е добро да си го отвориме срцето барем околу оние покрај кои се чувствуваме најудобно.
Не треба да се срамиме да побараме помош
Возрасните имаат тенденција да им е тешко и да се срамат да побараат помош кога им е потребна. Оваа појава најчесто доаѓа затоа што барањето на помош се гледа како знак на слабост и неспособност.
Децата знаат дека тоа не е точно и токму затоа не се срамат да побараат помош во било која ситуација. Во ред е да не бидеме совршени во сè и треба да го прифатиме тоа. Во ред е понекогаш да побараме помош.
Треба да даруваме прегратки почесто
Живееме во навистина стресен свет, па затоа не треба да ја занемаруваме моќта на една обична прегратка. Човечкиот допир ослободува хормон наречен окситоцин што прави да се чувствуваме среќно, спокојно и сакано.
Само една прегратка може да нé расположи, насмее, да ни всади спокој и да ни го намали стресот. Па затоа дарувајте прегратки почесто и бидете среќни како и децата.
Т. Ѓ. | Црнобело