„Мамо, тато, дали ние сме богати?“- мали дечиња кои се опседнуваат со непотребни прашања
Првата асоцијација за моето детство е зборот „безгрижност“. Втората најдобра работа е што живеевме во време во коешто социјалните разлики помеѓу луѓето не се истакнуваа толку многу како денес.
Немаше што посебно да се купи додека растев. Каков благослов. Да се има премногу избор е проклетство. Прво не можеш да се решиш што сакаш. Второ, окото и срцето почнуваат да стануваат ненаситни во очајната потреба да имаш многу, да имаш повеќе, да имаш сè!
Колку изборот е пооскуден, помалку грижи и проблеми. Камо да го знаевме тогаш ова што го знаеме денес.
Пред некој месец бевме на гости кај нашите пријатели, а девојчето што неодамна наполни 4 години и оди во градинка еден ден стигнало таму со скинати хулахопки. Мајката ни раскажа како другарчињата ја исмејале за искинатите хулахопки и ја прашале – дали дома се сиромашни?
Каков муабет на 4-годишни деца. Наместо да си играат и безгрижно да се забавуваат, децата се опседнуваат со прашања од типот дали се сиромашни. Ало, родители, има ли некој дома?
Ова не е прв пат да слушнам вакви коментари од толку мали деца. Сè почесто ми кажуваат како децата ги прашуваат своите дома – дали сме ние богати?
Да, објаснете им слободно на своите деца дека с(т)е богати. Објаснете им дека работите напорно и дека носите дома чесно заработена плата. Објаснете им дека имате покрив над главата, дом во којшто живеете сите заедно. Објаснете им дека имате храна во фрижидерот, нови обувки за зима, дека одите на летен одмор, дека слават родендени со своите другарчиња. И дека тоа е непроценливо богатство.
Објаснете им што всушност значи да се биде богат, лекција што очигледно треба да ја научат од најмали нозе: да се биде здрав, да се биде среќен, да се има семејство и дом, да се биде безгрижен, да имаш добри другари кои ќе те прифаќаат и сакаат таков каков што си, а не заради тоа што го носиш на себе или твоите играчки.
Секој родител го сака најдоброто за своето дете. Но во трката да му се даде сè, да му се сервира сè најубаво на детето, родителите неретко ја губат перспективата на битните нешта. Полека, но сигурно сè станува еден вид на трка, натпревар. Кој ќе му купи на своето дете повеќе, поголемо, поскапо, полуксузно.
Што знаат бре 4-годишни дечиња за луксуз? И не треба да знаат. На крајот од денот, што е битно колку скапи патичиња имаат на нозете или со какви играчки им е исполнета детската соба, ако немаат ниту едно другарче со кого ќе ја поделат радоста?
Оставете ги децата да си бидат деца. Не ги оптоварувајте со тоа кој колку има или нема. Обидете се да не потенцирате пред нив колку заработувате вие, а колку родителите на Елена или оние не Дамјан. А најбитно е да ги научите да не ги делат другарчињата според парите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело