За сè што „мрчев“ пред да станам мајка – а, сега истото го правам како „попче“
Немој да солиш памет за деца, кога немаш деца. Ниту за односот на родителите. Ниту откако ќе добиеш деца. Не давај совет ако некој не ти побара. Особено ако не си се нашол во ситуацијата. И навистина држете се до ова.
Сè што реков дека нема да направам кога ќе станам мајка – сè направив. Како попче. За сѐ што се правев многу паметна и мрчев за родители по страна, си легнав на брашното.
Еве баш вака:
1. Колку пати ми се случило да солам памет со другарките и да мрчам за мајка што „ја извадила цицката“ во кафуле за да го надои детето.
Еве ме, година ипол подоцна, сè уште го правам тоа насекаде „око не ми трепнува“ и „мува не ме лази“ дали некој гледал, дали цело Скопје и пошироко ме видело полугола.
Ќерка ми не е гладна, надвор сме цел ден на воздух, мојата мисија е исполнета. И, што е тоа доење бе до 2 години? Еве ме, година ипол подоцна, не се предавам.
2. Јас бев таа што пред да се роди детево, цврсто стоев на ставот дека ќе спие веднаш во посебна соба. Глупача. Спиеше во креветче сама до 6 месеци. Се успиваше сама со играчката на креветчето.
Една година подоцна не сакам да се разбудам ако не е до нас. Ќе ја легнеме во креветче и ни недостасува, па кога ќе се разбуди првиот пат во ноќта си ја земаме да спие помеѓу нас. Или уште одма си ја легнуваме до нас.
Бесценети се утрата кога се будиме со прстиња во очи, уста, нос или ноџе во глава и со најслаткото „мама“ и „тате“ на светот.
3. Моето дете ќе јаде само здрава домашна храна. Ова може и не сум го рекла, ама под притисокот на групите со „мајкички“ сигурно сум го помислила.
Сигурно дека купечките кашички направени по сите стандарди увезени од Германија и Швајцарија верувам дека се подобри од овошјево и зеленчуков растено во загадена почва.
Во трка со времето, верувајте, нема да бидете во можност да зготвите оброци секој ден за вашето дете. Алал на мајките кои успеваат во тоа.
4. „Немојте да ја учите во раце да ви заспива“. „Совет“ кој ќе ви направи притисок апсолутно без потреба. А, каде да заспива? Како да заспие дете што си бара родителска прегратка и топлина?
Има ли нешто поубаво од чувството кога бебенце ќе те гушне и спие спокојно на тебе залепено како „пајаче“? Колку пати сега се обидувам да спие на мене и после држење 11 kg повеќе од половина час, болка во кичмата, коските и сѐ останато, не се откажувам од идејата.
5. „Нема да пуштам цртани до 3 години“. Можеби не цртани, ама песнички честопати се единствениот спас кога сакам да земам 10 минути здив, да се напијам чаша вода или да пуштам една машина за алишта.
6. „Што, детето одело со нив во ве-це? Нема шанса да дозволам такво нешто!“ Подобро кажано од денешна гледна точка, детево не дозволува јас да одам сама во ве-це.
Па така научи како да ја празни машината за алишта, каде стои тоалет хартијата во случај да треба да подаде, прашокот за перење, пешкирите…
Работи на кои останав доследна и зад кои цврсто стојам сè уште:
1. Моето дете ќе биде надвор секој ден (освен во исклучителни ситуации). И на прсти можам да ги избројам деновите кога таа не излегла од дома воопшто.
2. Моето дете нема да нè спречи да патуваме. Единствено, ќе ги направи искуствата поинакви и уште поубави. После година ипол, сме биле заедно во 5 земји. Да, патувањето со дете е вистински предизвик, но со задоволство го прифаќам.
3. Со моето дете ќе разговарам како со возрасен. И не, никогаш не се лигавам и не го менувам гласот за да звучам како дете или бебе.
4. И кога ќе си дојдам од работа, нема да седнам пред телевизор. Ќе си играме и ќе се дружиме додека не дојде време за спиење. После ќе се снаоѓам со домашните обврски.
5. Нема да се изразувам во месеци после една година. „Нашево има 17 месеци и 23 дена“.
6. Нема да го возам моето дете со транспортер прикачен на количка. Затоа што да, како што би рекол ортопедот „Прошетката во количка треба да е уживање за детето, а не да биде згрчено“.
7. Откако прооди, се трудам колку може повеќе да оди пешки, а количката да ни користи за спиење надвор или во исклучителни ситуации.
Бидете умни, не слушајте никого и уживајте си во мајчинстовото и детството на вашите малечки.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело