„Машала колкава си!“ – Глупави коментари кои ги добив во бременоста
„Машала колкава си?!“ ќе слушнев често пати во последните месеци од бременоста. Колкава, извини? Ти да не го носиш детево па да знаеш колкава јас треба да бидам.
И не, не бев поправена ни грам повеќе отколку што е соодветно. Најинтересно е што ваквите коментари често доаѓаат од луѓе кои ги среќавате еднаш во 2 месеца, случајни минувачи или посматрачи на социјалните мрежи.
Сеедно, ова се неколку работи кои луѓето „без усул“ често ќе ви ги кажат кога сте во блажена состојба и она што ми се свртело мене прво во глава да им го одговорам.
1. „А сега, второ кога?“ – Сигурно трудници уште непородени размислуваат веќе за второ дете.
2. „Сигурна си дека е само едно?“ – Не, чекам ти да ми направиш ехо за да видиш дека носам близнаци, а не едно.
3. „Аааа, имаш акни по лицето, женско носиш, ти ја зима убавината.“ – Да, бидејќи мора таа лепота да се распредели, нели.
4. „Разубавена си, сигурно е машко.“ – Логикава не ја сфатив никогаш.
5. „Во приватна болница ќе се пораѓаш? Аааа, сигурно си имаш договорено царски рез на датум што сакаш!“ – Да, едвај чекам да легнам во операциона сала на договорен датум.
6. „Што толку чекавте? Требаше порано да си родиш.“ – Чекавме ти да ни кажеш кога треба да имаме секс.
7. „Изгледаш како да ќе пукнеш во секој момент.“ – Не, туку ќе се породам.
8. „Уште носиш штикли а? Сакаш да му наштетиш на бебето.“ – Фала на советот што не го побарав.
9. „Немој да јадеш ананас, може да имаш спонтан абортус.“ – А ти можеш помалку да читаш секакви глупости онлајн.
10. „Ти отекла фацава, како бомба си.“ – Фала.
11. „Се сврте ли надоле со главата бебево? Мисли му ја ако не се сврти!“ – Ќе му ја мислат докторите кои ќе ме пораѓаат.
12. „Еј наспиј се, нема никогаш веќе да спиеш.“ – Да, ако сега спијам баш ќе надокнадам за годините кои следуваат кога нема да спијам.
13. „И сега, име имате ли?“ – Ти си последниот човек на кој би му го кажала.
Е. П. | Црнобело