Кои се стратегиите на бебињата за да покажат љубов и да „украдат“ насмевка од родителите?
Малку нешта во животот ќе ве израдуваат како првата насмевка на вашето бебе.
Во овој момент веројатно веднаш ќе посегнете по камерата за да го овековечите моментот. А, после некое време, бебето повторно ќе се насмее и почнува да ви изгледа како вашето малечко да знае дека уживате во неговата насмевка.
Па, изгледа дека бебињата свесно им се смеат на нивните мајки и ја очекуваат истата повратна реакција.
Истражување
Во истражување од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, учествувале бебиња на возраст од 4-17 недели, заедно со нивните мајки. Било анализирано нивото однесување врз основа на 4 фактори.
Научниците сакале да откријат што се случува во моментот кога мајката и детето се смеат истовремено, како и во моментот кога не се смеат.
Со цел да го измерат ефектот на ова однесување, научниците користеле техники што се употребуваат во роботиката, психологијата и информатиката.
Намерно смеење
Бебињата покажале специфично однесување кога им се насмевнувале нивните мајки. Но, не на секое однесување на мајката следел одговор од детето.
Бебињата им се насмевнувале на мајките само кога насмевката на мајката била упатена кон нив.
Времето и околностите се важни
Кога мајките прво се насмевнувале, а потоа се свртувале кон нивните бебиња, се случило спротивното – бебињата не реагирале.
Изгледа дека бебињата ги земаат предвид времето и околностите на насмевката. Односно, насмевката на мајката треба да биде спонтана и упатена само кон бебето, за тоа да реагира на неа.
Важноста на времето за играње
Истражувачите заклучиле дека игрите се неопходни за бебешката насмевка. Познато е дека децата учат со имитирање. Во најрана возраст, нивната перцепција е изострена, па сè што се случува околу нив активира дел од мозокот.
Па, ако бебињата забележат дека нивната мајка е среќна додека ги гледа, тие ќе ја имитираат.
Мало, но важно истражување
Научниците се согласуваат дека обемот на ова истражување е мал, но дека резултатите се од голема важност.
Всушност, ова истражување ја покажува основата на интеракцијата помеѓу бебињата и родителите - нешто што е малку истражено.
Ова докажува дека бебињата комуницираат со другите уште од најрана возраст и дека учат сè што ќе им се покаже.
Спирова С. | Црнобело