Ве молам, немојте да пушите цигари во близина на моите деца (или било кои други)!
Секое утро, гледам еден татко кој си го носи пешки 8-годишниот син на училиште. И секој ден, тој го држи за рака неговиот син и пуши цигара истовремено. Секој божји ден.
Едвај успевам да не застанам со автомобилот и да му се развикам за тоа што е толку лежерен и пуши додека стотици деца проаѓаат по истиот пат до училиште и да го прашам толку ли не може да почека да го остави синот, да се расчисти гужвата од деца, па да ужива во проклетата цигара.
Неговото дете нема избор – тоа мора да оди до училиште со возрасен. И секое дете кое поминува покрај овој татко го гледа како се однесува ноншалантно, додека оди по патот и зема длабок дим, кој потоа го испушта со задоволство, како да не му влијае на никого околу него.
Да разјаснам нешто, пушењето не ве прави лоша личност или лош родител. Сите разбираме дека некои луѓе сакаат да пушат цигари. Тешко е да се одвикнете од тоа и како човечко суштество, секој има право да си ја донесе таа одлука за сам себе.
Но, не мора да го правите тоа во близина на вашите деца. И не го правете во близина на други деца.
Всушност, не го правете кога во близина имате некој што нема желба да го вдишува од „втора рака“ вашиот дим и да мириса на пепелник.
Кога пиете алкохолен пијалак и уживате во него, дали му давате и на вашето дете да се напие? Верувам дека не.
Ако уживате во бонбони или колачиња со марихуана, дали им давате на децата во околина да пробаат? Секако дека не.
Тоа е така бидејќи во спротивно, би ги ставиле во опасност, а да не зборуваме за тоа дека е крајно неодговорно и глупаво. Епа, пушењето цигари додека околу вас има луѓе кои го вдишуваат димот, не е ништо поразлично од претходно наведените примери.
Не само што димот кој го вдишуваат другите може да предизвика здравствени проблеми за деца и возрасни, туку и оној кој се задржува на облеката и другите површини, може да биде опасен.
Освен тоа што димот може да претставува здравствен ризик за останатите, друг лош ефект е тоа што, кога децата гледаат возрасни со цигара, сметаат дека ова однесување е нормално. Колку и да им зборуваме на децата за лошите ефекти од пушењето, сè пропаѓа во вода кога гледаат возрасни да го прават тоа за што велиме дека е опасно.
Да, ваше право е да пушите цигари, но немојте да бидете „идиоти“. Правете го тоа на места каде што не е забрането пушење и каде што нема да пречите никому. Кога сте на јавни места, застанете зад зградата каде што нема гужва или влезете во автомобил, возете се и пушете цигари (само доколку не се возите со деца).
Ваш избор е. Само не дозволувајте други луѓе (посебно деца) да патат од последиците на вашите дела.
Се обидуваме да воспитаме паметни деца кои ги знаат опасностите од пушењето цигари и знаат како да си ги заштитат телата од негативните ефекти.
Значи, може да продолжите со оваа навика, но ако го дувате димот во наша близина, не се чудете кога родителите ќе почнат да ви упатуваат пцовки.
Извор / фото: depositphotos.com