„Излижи ни ги патиките или дај ни пари“- како децата се малтретираат меѓусебно во македонските училишта?

Пред неколку недели, на социјалните мрежи, кружеше видео на коешто јасно беше прикажано како девојчиња силно ѝ влепуваат шлаканици на друго, беспомошно девојче кое не реагира речиси никако на нападот.

Izlizi-ni-gi-patikite-01.jpg

Останатиот дел од толпата бледо ги гледа додека ја малтретираат. Некој очигледно го снима сето ова. На крајот, едно момче божем се обидува да ги раздели, не премногу решително или ревносно. Со притаена насмевка и тој очигледно ужива во изживувањето врз кутрото девојче кое јаде ќотек од другарките.

Ова не беше случка од Македонија. Она што е случка од Македонија е следното искуство од една мајка: Група другарчиња принудувале девојче да им ги лиже патиките или да им даде пари доколку не сака да го направи тоа.

Додека го пишувам ова, а додека вие го читате, знам дека на сите ни поминува истото чувство на срам, непријатност, згрозеност, бес. Во што се претвори светот? Во какво општество живееме ние?

Пред неколку месеци, ќерката на едни пријатели беше вознемирена затоа што другарчињата на училиште ја задевале поради фотките на Инстаграм, бидејќи ѝ биле премногу селски. Немало ништо интересно во нив, таа не патувала никаде посебно, не се облекувала доволно провокативно, не била секси.

Ова е девојче од 13 години. Од неа се очекува да биде провокативна и секси? Инаку нема да биде прифатена од друштвото, ќе биде исмејувана, понижувана, никој нема да ја вика за излегување, ниту да ја кани на родендени.

Прво, се прашувам, зошто девојче од 13 години воопшто има Инстаграм? Всушност извинете, не е мое да се мешам, штом родителите ѝ дозволиле и не гледаат никаков проблем и постојано повторуваат: „Тоа е мое дете, моја одговорност и ќе постапувам со него онака како што сметам дека треба“, тогаш треба да замолчиме сите.

Но, знаете кога не треба да молчиме и треба јасно да проговориме? Кога таквите деца почнуваат да се наметнуваат со злобно однесување, да доминираат, да ги малтретираат другите. Тогаш како да заборавате дека се ваши деца. Тогаш сте слепи и глуви и веднаш стапувате во одбрана: „Ама јас си го знам моето дете, тоа не може да биде МОЕТО ДЕТЕ!“

Ќе се изненадите колку од овие мали насилници се вашите деца. Ќе се запрепастите од нивното однесување, начинот на кој се однесуваат со другарчињата, возрасните, наставници, со материјалните предмети околу нив, со животната средина, со животните.

На сето внимание, на сето разгалување и пазење, се прашувам како е можно да не го забележувате нивното девијантно однесување? Толку сте инволвирани во нивните животи, внимавате на нивната исхрана, бирате скапи патики со недели, да се стокмени и дотерани по последна мода, организирате безумно скапи родендени и прослави, го носите по фризери, шминкери, маникири, ги разнесувате низ градот на сите школски и воншколски активности како дежурни таксисти и слуги, на првото кивање кревате паники за алергии и болести, потајно им инсталирате GPS апликации за следење на движењата на вашето злато, ама ова не сте го забележале?

Дека вашето најмило е мал социопат кој малтретира другарчиња или пак е жртвата која јаде ќотек, погрдни зборови, навреди и уцени да лиже нечии патики или да им даде пари на уценувачите доколку не го стори тоа?

Ова не е единствената, не е првата ниту последната случка. Она што вам ви е премногу далечно, премногу туѓо, премногу измислено, премногу модерно, премногу „од Западот“, тој т.н. „булинг“ - силеџиство, малтретирање (ориг. bullying) е реалноста на нашето време и живеење.

Обрнете внимание на однесувањето на своите деца. Комуницирајте, зборувајте со нив, натерајте ги отворено да зборуваат за нивните доживувања во училиште, пред да стане премногу доцна. Поентата не е само скапа облека и скапи родендени и скапи телефони и исцрпувачки натпревар помеѓу родителите и децата кој каде летувал, кој каде ќе скија оваа зима, акцент исклучиво на материјални работи, без никаква подлабока поврзаност со децата.

Што ќе му се сите овие работи кога длабоко во себе ќе биде несреќно, осамено и тажно, ќе биде угнетувано или угнетувачот?

И во моето време имаше дечиња кои се тепаа, се навредуваа, но ваквите конфликти се решаваа брзо и самиот начин на конфронтација не ескалираше во вакво сурово и бизарно малтретирање.

Би сакала да можам да се вратам во времето кога ние имавме 13 години. Облечени скромно, голем дел од нашата гардероба, широки маици и скејт-панталони всушност беше наменета за машки. Без некои посебни фризури, со нула шминка, вечно во патики, седиме на игралиштето непосредно до нашата зграда, собираме сите пари за да купиме голем чипс и кришум да си шепкаме нешто за симпатиите.

Бевме искрено многу наивни, мутавки деца. И пак мислам дека е подобро да си наивно, мутаво дете од тоа време со вистинско детство, отколку овие нагло пораснати, малтретирани и трауматизирани деца од ова време.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Им љубоморам на моите деца – имаат поубаво и полесно детство од моето“ „Кога бев дете, секое саботно утро ми беше жртвувано – морав да ја косам тревата...
6 работи со кои родителите несвесно им штетат на своите деца Не им ставате крем со фактор кога излегуваат на сонце и не им купувате соодветни...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg