Кога бебињата почнуваат да се смеат?
Иако некои бебиња ја покажуваат нивната насмевка уште пред да се родат, најчесто новороденчињата почнуваат да се насмевнуваат откако ќе наполнат два месеци. Сепак, некои експерти сметаат дека бебето може да почне да се смее уште на шест недели.
Но која е причината за овие насмевки и како можете да ги поттикнете?
Кога можете да ја очекувате првата „социјална насмевка“
Првите насмевки на детето се познати и како социјални насмевки и најчесто се појавуваат кога бебето ќе наполни два месеца. Сепак, некои бебиња почнуваат да смеат уште на шест недели, а некои подоцна од три месеци. Воглавно, сè зависи од бебето.
Постои разлика помеѓу социјалните насмевки и оние што се резултат на рефлекс. Социјалната насмевка најчесто е директен одговор на нешто, како на пример забавно читање на сликовница или менување на пелена. Доколку вашето малечко се насмевнува на овие стимули, тогаш станува збор за вистинска насмевка.
Понекогаш бебињата се насмевнуваат и кога ќе ја видат својата мајка. Дури и кај новороденчињата постои емоционална поврзаност која е многу видлива кога прв пат ќе се насмеат.
Од друга страна, доколку насмевката е кратка и без некоја причина, како за време на спиење, најверојатно станува збор за рефлекс.
Што ќе се случи со развојот на бебето после првата социјална насмевка?
Насмевката е како еден вид комуникација за бебињата. Тие сакаат да го гледаат вашето лице одблиску и се обидуваат да ги сфатат вашите изрази.
Кога бебето се насмевнува, тоа реагира на надворешните стимули и истовремено сфаќа дека добива позитивни емоции од возрасниот, па учи како повторно да се насмее. Бебето сфаќа дека насмевката е вид интеракција.
Како да го поттикнете смеењето кај вашето бебе?
Најдобриот начин да го охрабрите вашето малечко да се насмевне е да му зборувате. Бидејќи видот на бебињата не е добро развиен, најдобро е да бидете блиску до вашето малечко.
Тоа што сте родители на бебето ви дава предност - новороденчињата настојуваат прво да им се насмевнуваат на своите родители, а дури потоа на странци.
Друг начин е драматизирањето. Па, слободно пејте му на вашето малечко или раскажувајте му приказни со малку глума. Добро е одвреме-навреме да му ја покажете и вашата насмевка.
И некои игри, како кревање на бебето или скокоткање можат да направат да се насмее. Додека да наполни 4 и пол до 5 месеци, насмевката на бебето ќе биде придружена и со гласна смеа.
Кога треба да се загрижите?
Доколку веќе поминале три месеци а вашето малечко не почнало да се насмевнува, добро е да разговарате со вашиот педијатар. Сепак, немојте премногу да се грижите бидејќи секое бебе е различно.
Спирова С. | Црнобело