5 причини зошто физичките казни се лош начин за воспитување дете и 5 начини како да се подобрите
„Ќе го земам сукалото“, „ќе игра раката“ или „ќе те истепам“ се чести закани кои ги користат родителите кои не размислуваат двапати пред да го казнат своето дете за непослушноста, но кои се последиците?
Физичките казни се чест метод кој се користи за „воспитување“ на немирните деца, но родителите не ги сфаќаат последиците од тоа.
Покрај родителите кои никогаш не се осудуваат да го сторат тоа, има и такви кои не размислуваат двапати пред да ги удрат децата.
Но, независно дали станува збор за благ удар по задникот, или благ шамар кој многумина го нарекуваат „воспитна“, сето тоа си има последици, па не вреди да ризикувате.
Според истражувањата, освен што ваквиот тип на казна може да доведе до трајни последици, исто така докажано е и дека не функционира.
Зошто раката и папучата не играат никаква улога во воспитувањето, туку само наштетуваат?
1. Не функционира и ја влошува ситуацијата
Вистина е, децата знаат да претераат и да го надминат трпението на родителите, но ќотекот не е решение.
Истражувањата покажуваат дека насилството не функционира на долгорочен план за воспитување на детето, туку напротив, може да го влоши однесувањето на децата.
За да се постигне целта, мора да се разговара со децата, да им се објасни и да разберат зошто не треба нешто да прават. Насилството (независно дали е благо) е само брз начин за сопирање на детето, но не корисен.
2. Насилството може да ги премине границите несвесно
Доколку плескањето по задник или благите шамари не функционираат и децата повторно ги прават истите грешки, родителите кои ги користат овие методи се чувствуваат немоќно и почнуваат да ја зголемуваат силата, а во одреден период тоа може да премине во сериозно насилство, но кога ќе сфатат, може да биде предоцна.
3. Со насилство ќе го претворите детето во агресивно во иднина
Децата кои во детството биле физички казнувани се посклони кон користење насилство против нивните деца, па дури и со родителите.
Овие деца дури имаат поголема стапка на ризик да го прекршат законот и да навлезат во погрешни води.
4. Децата може да страдаат од депресија
Ако вашиот партнер ве удри, дали ќе мислите дека тој ве сака? Веројатно не, а истиот случај е и со децата. Доколку тие во главата замислат дека нивните родители не ги сакаат, може да поминуваат низ сериозни психички проблеми, што може да доведе до депресија.
5. Им ја влошува здравствената состојба на децата
Дури и само ако се сведоци на насилство, децата може да поминуваат низ сериозен стрес, што влијае лошо на имунитетот.
Доколку редовно се соочува со физички казни, тоа може значително да му ја влоши состојбата.
Што може да направите во врска со тоа...
1. Доколку веднаш штом детето направи глупост, ви доаѓа да го плеснете – имате проблем со трпението. Најдете начин да се смирите, да бидете потрпеливи и имајте предвид дека ударот ги боли децата. Сепак, станува збор за вашите деца...
2. Избегнувајте да мислите дека детето секогаш знае која е неговата грешка, па наместо да го удрите, обидете се да му објасните каде згрешило и зошто не треба да го прави тоа.
3. Кога детето почнува да губи контрола и да прави нешто непрекинато, најмалку треба да го удрите, бидејќи со тоа само ќе ја зголемите тензијата. Обидете се да се смирите, погледнете го во очи, намалете го тонот на зборувањето и пренесете му смиреност на детето.
4. Истото важи и за кога детето неконтролирано плаче – ако го удрите, со сигурност нема да го смирите. Оставете го и дајте му мир неколку минути и потоа самото ќе се смири.
5. Ако некогаш детето не сака да ве послуша, дозволете само да научи од последиците, но само ако сте сигурни дека истите не може вистински да му наштетат.
М. М. | Црнобело