Како да го научите детето да ги сака книгите?
Прекрасните моменти поминати во рацете на мајката, додека ги слушате вашите омилени приказни, имаат големо значење и за родителите и за детето. Никогаш не е премногу рано да започнете да му читате на вашето дете и да го запознаете со едно од најубавите животни задоволства, со книгите.
Кога децата се мали, тие реагираат на вашиот глас, слушајќи и гледајќи што се случува околу нив. Кога се постари, почнуваат да испуштаат одредени гласови. Затоа е читањето важен поттик во развојот на нивниот говор.
Но, како да го научите детето да ги засака книгите?
Изберете ги вистинските книги
Дали детето ќе ужива во приказната зависи од изборот на книгата. Малите деца сакаат книги кои привлекуваат внимание и кои лесно можат да ги држат во своите раце.
За нив се идеални т.н. pop-ups книги (чии страници се тродимензионални слики), потоа сликовници со живописни бои, со јасни и големи слики и сликовници со кратки песни.
Книги, што содржат малку текст или се без него, се добар избор, бидејќи го охрабруваат детето да ја развие имагинација.
Еден практичен совет: купувајте ги книгите кои и вам ви се интересни, бидејќи децата сакаат да ја слушнат истата приказна секој ден. Значи, најверојатно ќе треба да ја читате истата приказна стотици пати.
Читање како дневна рутина
Би било добро читањето да ви стане задолжителен и многу важен дел од денот. Идеално е ако читате пред вечерните часови. Тоа е време кога тензиите се минимизирани, вашите дневни обврски се зад вас, а вашето дете е опуштено и нестрпливо да слуша.
Меѓутоа, ако е детето премногу поспано во вечерните часови, читајте му попладне, после ручек или пред капење.
Се разбира, ова не значи дека треба да читате само во одредено време. Можете да му читате книги за да го смирите или како награда за добро однесување.
Заедничко уживање
Најдете мирно место во куќата, прегрнете го вашето дете, исклучете го телевизорот или радиото и нурнете се заедно светот на книгата и фантазијата.
Многу е важно да уживате во приказната без срам, бидејќи вашето дете не е критичар и ќе ужива додека се смеете. Можеби ова ќе ви изгледа малку глупаво, но додека зборувате со него со смешни гласови и имитирање на животни, детето ќе ве слуша внимателно.
Зборувајте полека, пејте и дозволете му на детето да ужива во приказната.
Додека читате покажувајте му ги сликите во книгата. Кога ќе забележите дека некоја ќе му го привлече вниманието, запрете и разговарајте за сликата заедно.
Ова ќе му помогне подобро да го разбере значењето на зборовите. Замолете го да ги имитира гласовите на животните и да ви ги покаже ликовите или предметите во книгата.
Постојат многу книги кои бараат одредена активност од детето, кои го вклучуваат во приказната, па тоа ќе почне да ужива во неа, без да забележи.
Набљудувајќи ве вас како читате, детето брзо ќе научи како да ги чита книгите и да ги превртува страниците, следејќи го развојот на приказната.
Посетувајте ги библиотеките еднаш месечно и дозволите му на детето да избере книга за читање.
Ашера | Црнобело