Нека му биде досадно на детето, не мора да бидеш кловн 24/7
„Ја имам оваа играчка! Не ја сакам!“ Со едно брзо фрлање од страна на тригодишното синче на нашата пријателка, новата играчка завршува во купот преполн играчки. Слободно може да отворат продавница за детски играчки и реквизити.
Мајката ми се жали како станчето било мало, немало место каде да се „прдне“ во него. Сакам да ѝ кажам дека играчките ѝ заземаат третина од дневната соба, ама си го врзувам јазикот и мудро си молчам. Однапред знам како завршуваат овие дискусии. Молчи си.
Другата пријателка со која дојдов, онаа што му донесе подарок на малиот што не го бендиса и го фрли, мислам дека пропадна во земја. Точно знам колку заработува мојата пријателка и колку пари и време одвоила бирајќи го подарокот. За жал, не успеа да ја добие наклоноста на малиот. И ти да имаш 99 пара чевли, нема нешто многу да те воодушеви стотиот пар.
Очекувавме мајката малку да го скара детето, да му рече–како така, кажи благодарам на подарокот, тетките го донеле за тебе. Не кажа ништо. Само потврди рамнодушно – Да, ја има таа играчка.
Тивко се погледнуваме со другарка ми. Што стана со нашата пријателка?
На ТВ ечат цртани филмови. Малиот го рокнал телефонот на најсилно гледајќи некои смешни видеа. Не смееш да го намалиш ниту едното ниту другото. Малиот принц не дозволува. Тој не е сосредоточен на ништо всушност, ниту гледа цртани, ниту видеа, ниту дозволува да си направиме малку муабет.
Во ред, можеби и ние сме безобразни. Малечкото си бара внимание. Се обидуваме да го анимираме. Да го заинтересираме со цртање, со боење, со песнички, со разговори. Тој не се смирува со ништо. Не е заинтересиран за ништо повеќе освен за бесно кружење околу масата и истурање грицки и сок. Решен е дека токму масата е пистата за неговите мали автомобилчиња. Неговата мајка не реагира. Како да не е во собата со нас.
На нашите обиди за игра, тој ни го плази јазикот. Се приближува божем да се гушнеме, многу бил мил, но наместо прегратка добиваш кубење за косата и гребење по лицето. Така си играл тој.
Одеднаш започнува да пишти: мама, мама, МАМАААА!!! И ја тегне мајка си во другата соба. Остануваме сами, 5, 10, 15 минути. Пријателката конечно се враќа кај нас.
„Извинете, малиот не ми дава да седам со вас. Досадно му е, сака да си играме заедно во другата соба, ама без вас… па…“
Ние онемуваме. Ова е знакот дека треба да станеме и да си заминеме. Тоа и го правиме.
Ова не е ниту првиот ниту последниот ваков случај. Со мали варијации, ова е нашето секојдневие. Сведоци сме на тероризирање на родителите и возрасните од страна на мали дечиња. Тоа оп – ние скок. Тоа уште не зинало, ние: кажи мама, што сакаш мама, што ти треба?!
Уште не кивнало, ние паломите во раце. Тоа не стапнало надвор ни 2 минути, ние проектираме црни сценарија за тоа што може да му се случи надвор од стакленото ѕвоно.
Ќе падне. Ќе се извалка. Ќе собере некоја бактерија. Ќе се степа со друго детенце. Ќе го погоди астероид.
Нека седи дома. Најголемата прошетка му е до трговскиот центар во големата количка за пазарување. Не умее да се снајде во просторот, не знае како да се социјализира. Не знае да се заигра со други, ниту пак самото со себе.
Наместо здрави, весели, насмеани дечиња одгледуваме болникави, бесни и нервозни малечки.
Сите желби им се задоволени, телефоните и таблетите во раце, а ние сме во состојба да го превртиме и светот за нив. Да нема ниту секунда без забава. Да биде сè интересно, прекрасно, волшебно, најубаво, забавно, шарено, преполно играчки, слатки, игри.
Недај боже да има една минутка тишина или досада. Брзо, стој на раце, прави мајмун од себеси, биди професионален кловн. На малото му е досадно. Заборави на правилата, на воспитувањето, заборави дека имаш живот, пријатели. Битно на малото да му биде интересно. Неговиот збор е закон. Ти подреди му се, биди уценуван од мало тригодишно дете и неговите лажни солзи.
А вие како си игравте? Ние? Со стари тенџериња и дрвени лажици. Ако правевме многу бучава играше лажицата по газот. Глумевме водители и се снимавме на старо канта радио на касета. Набљудувавме инсекти со часови. Пораснавме на бел леб и сокче на растворување.
Еве нè, полни трауми од детството. Модерните психологии на воспитување најстрого го осудуваат нашето одгледување и нашето детство. Да видиме тогаш во какви деца ќе пораснат вашите мазени, пазени и распекмезени малечки на кои никој не смее да им повиши тон.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело