Децата лажат кога се чувствуваат несигурни - не судете им
Порано или подоцна, како родител, ќе го фатите вашето дете во лага. Фактот што детето ве излажало и не е така важен, колку што е важно како вие ќе постапите понатаму.
Џо Њуман своевремено бил нарекуван „проблематично дете“, а своето искуство го пренесува во книгата „Raising Lions“ - главната поента не е лошото однесување на децата туку конечното воспоставување на модел на взаемно разбирање.
Родителот треба да го препознае прагот на толеранција и да воспостави граници без да му суди на детето. На тој начин тоа во својот родител ќе препознае личност на која може да и се довери и да и ја каже вистината, вели Њуман.
Но, кога децата ја осознаваат вистината?
Според Њуман, првиот контакт со вистината за децата се случува преку приказните што им ги читаат родителите. Кога им читате за животни што зборуваат или броеви што пеат, децата знаат дека тоа не е вистина. Всушност, децата лагата првично ја поврзуваат со нешто интересно, креативно и забавно.
Децата лажат за да сокријат намера или однесување за кое знаат дека е небезбедно да го откријат. Ќе ви ја кажат вистината тогаш кога ќе почувствуваат дека нема да им судите за тоа што го направиле, што значи дека, како и за многу други работи кога станува збор за родителството, се започнува од вас.
Откажете се од плиткото шефување и отфрлете ги обвинувањата. Образложете ја последицата од лагата на база на вашите верувања, наместо на несоодветното однесување на детето. Родителите имаат тенденција многу да зборуваат и објаснуваат нешта на децата кои тие самите веќе добро ги знаат. Кога ќе го фатите своето дете во лага, дајте му до знаење дека не сте лути, но побарајте да ви ја открие причината за таквото однесување.
Доколку детето не е расположено за дискусија, дозволете му да размисли самото за себе. На овој начин децата учат да се разбираат самите себеси, да се справат со своите нагони, да се ослободат од стравот и да донесуваат подобри одлуки во иднина. Постои едно генерално правило - зборувајте единствено користејќи прашања: „Зошто го направи тоа?“, „Што те натера да се почуствуваш така?“, „Дали мислиш дека тоа е правилно?“...
Идентификувајте ги потребите на вашите деца, почитувајте ги нивните перцепции и идеи и создадете безбедно место за изразување на нивната независност.
Барајте од нив да ви ги образложуваат своите идеи, истражувајте ги заедно, споредувајте ги со други идеи и расчистувајте ги заедно сите дилеми што ќе ви се испречат на патот. Така ќе ги натерате своите деца да се отворат, да кажат што навистина мислат, да дојдат до нови заклучоци и на крајот да го променат својот став кон нештата.
А. Ш. | Црнобело