6 ситуации во кои мајките чувствуваат вина, а не треба
Животот на мајките не е воопшто лесен, посебно на модерните мајки што е многу поразличен од оној пред 30-50 години.
Иако сега има многу работи кои го олеснуваат секојдневието на мајките, сепак денес општеството има многу барања од нив, но и ги осудува за секоја ситница.
Со тоа, мајките си создаваат поголеми стресови и непотребни притисоци, а многупати чувствуваат вина во најразлични ситуации кога тоа не е потребно.
Во многу моменти тие мислат дека се лоши мајки, иако тоа што го прават е сосема нормално и секоја од нив има право да одлучи како ќе го воспитува детето.
Ситуации во кои мајките чувствуваат вина, а не треба:
Кога го карате детето
Да, лошо е детето цело време да се кара, но лошо е и никогаш за ништо да не го искарате и да мисли дека сè е во ред. Не е добро да се вика, но и родителите се луѓе и некогаш избувнуваат. Доколку ова не се случува често, ништо не ве прави лош родител.
Кога одмарате додека детето е препуштено на себе
Детето почнало да прави неред во домот, но мајката веќе нема сила за да средува на секоја минута и оди по него, па наместо тоа, решила да седне и да прочита книга, па на крајот да среди сè, но, тука се појавува чувството на вина.
А, зошто? И мајките имаат право на одмор, кој ако не го добијат, нема да бидат во можност да ги завршат сите останати родителски обврски во текот на денот и може тоа да премине во нервоза и на пример, да му се развика непотребно на детето.
Одморот не ве прави лоша мајка!
Кога не разбирате зошто вашето дете плаче
Бебето јадело, пелената е променета, наспано е и повторно не престанува да плаче, а мајката не знае како да му помогне, па почнува да чувствува вина бидејќи како мајка не знае што се случува со нејзиното дете и се чувствува засрамено.
Но, тоа е сосема нормално бидејќи не е воопшто лесно да се открие зошто плаче детето кое уште не знае да каже што сака и да ги искаже желбите и потребите – не се обвинувајте што не знаете секојпат зошто тоа плаче и не можете да го задоволите.
Кога го доите во јавност
За доењето во јавност мислењата се многу поделени, но доколку детето е гладно и сметате дека тоа е вистинска одлука, тогаш тоа ве прави добра мајка, а не лоша само заради осудувачките погледи на другите.
Кога работите наместо да бидете со детето дома
Мајките кои работат се многу загрижени за тоа што го оставиле нивното малечко без нивно присуство, но не треба да се обвинувате ако сте одлучиле да не ја жртвувате кариерата откако породилното отсуство ви завршило.
Тоа што работите значи дека се трудите детето да има подобра иднина, а тоа не ве прави лоша мајка.
Кога детето нема да ви ги исполни очекувањата
Доколку сте сакале да израснете принцеза, а вашата ќерка не е заинтересирана за часови по танци и елегантна облека, туку сака нешто подраматично и почнува да прави по свое, нормално е да чувствувате вина, но всушност, не треба да мислите дека сте лоша мајка.
Вие сте израснале креативно и независно дете со отворен ум кое сака да ги следи своите соништа и тука нема ништо лошо.
М. М. | Црнобело