Како да ја преживеете првата настинка на вашето бебе?
Ве предупредуваат дека е тешко кога им растат заби на бебињата; ве предупредуваат дека е тешко кога им тече носот, уште потешко кога ќе кренат температура - но никој не ве предупредува колку е всушност тешко кога ќе се случат сите овие работи одеднаш.
Да, добро прочитавте, ваквата ситуација доаѓа ненајавено и нема начин да се подготвите. Но, треба да знаете како да си помогнете уште во првиот момент кога ќе забележите дека нешто се случува со вашето бебе.
Нивниот имунитет е во развој и настинките се неизбежни и не толку страшни. И вие сте свесни за тоа, но како родител не може а да не испаничите. Погледнете го за момент вашето малечко - неутешно плаче додека носето му тече како чешма, подавајќи ги рачињата да го земете во прегратка. Непцата се црвени и набрекнати и образите му горат, а вие не знаете што попрво да направите.
Се чини како да се отворил пеколот.
Најголема утеха е дека сето ова нема да трае вечно.
Паниката е сосема оправдана, но останете присебни и слушајте ја сопствената интуиција. Како родител секогаш ќе знаете кој метод да го употребите за да му помогнете на своето дете, и дали неговото лошо расположение е резултат на обична настинка или нешто посериозно.
Паузирајте ги дружбите
Колку и да е забавно кога се повеќе деца на куп, првата настинка на вашето бебе воопшто не е момент за тоа. Ограничете ги посетите колку што е можно повеќе бидејќи имунитетот на вашето бебе е веќе загрозен, не би сакале дополнително да го изложувате на опасности.
Одржувајте хигиена
Сега е поважно од било кога често да ги миете рацете. Чисти раце се здрави раце - набавете квалитетен сапун и добро мијте ги дланките после секој контакт со носето на бебето.
Користете само една цуцла
Цуцлите се вистински спас кога бебето е настинато. Во одредени случаи може да помогне да му се одзатне носето, но во основа најмногу ќе допринесе тоа да се смири и да не биде толку нервозно поради промените што му се случуваат.
За да се поштедите од бесконечно дезинфицирање, користете само една цуцла.
Навлажнувач на воздухот е одлична идеја
Доколку го добивте како подарок за свадба и не го користевте, сега е вистинскиот момент за тоа. Неколку капки етерично масло од ментол во водата и ќе се случи магија. Не заборавајте да проверите дали маслото е безбедно за бебиња.
Инвестирајте во добар аспиратор за нос
Постојат многу различни на пазарот, но кој и да го одберете внимавајте како го користите. Анимирајте го бебето со омилениот цртан филм или песничка за да ја држи главата во една позиција како би можеле полесно да пристапите до носето.
Доколку пречесто го држите против негова волја сигурно ќе го вознемирите повеќе отколку самото носе.
Користете нежни марамчиња за нос
Штом бебето кивне, вашата автоматска реакција ќе биде да му го избришете носето. Бебешката кожа е многу нежна и чувствителна, па за да не направите поголем проблем, користете нежни влажни марамчиња.
Нудете му многу течности
Несомнено ќе одбива да јаде, без оглед дали е сè уште на ексклузивно доење или сте вовеле цврста храна. Но трудете се да му нудите вода и чаеви, бидејќи добрата хидрираност е предуслов за полесно пребродување на настинката.
Бидете трпеливи
Како за бебето, така и за вас ова е ново и претешко искуство. И покрај непроспиените ноќи, раздразливоста и нервозата, не заборавајте дека ова ќе помине. Ќе бидете растргнати помеѓу обидот да му помогнете и чувството дека сте бескорисни во моментот, но сето тоа е нормално и затоа не си дозволувајте да го изгубите трпението.
Вие му помагате на вашето малечко повеќе отколку што мислите.
Прегратката е најдобриот лек
Бебето не може да си објасни што е тоа што му се случува, но вашето присуство и топлата прегратка му се утеха во секоја ситуација. Нишкајте го, прошетајте го низ дома држејќи го во раце и одвлечете му го вниманието. Раздразливоста ќе исчезне со моќта на вашите две раце.
Не заборавајте дека ова е развој на имунитетот
И колку и да ви е тешко, на крајот вашето бебе ќе биде посилно и поцврсто.
A. Ш. | Црнобело