Фати 100 врски детето да ти заврши скроз одлично, а утре ќе имаш неспособен доктор, правник и економист
Не се сеќавам од кога не сум тргнала да завршам некоја работа без да наидам на некаков проблем, без разлика дали станува збор за приватниот или јавниот сектор во Македонија.
Она што упорно си го поставувам како прашање, на кое очигледно нема одговор или не сакаме да го слушнеме па не се осудуваме да го изговориме гласно – е кој ќе нè лекува во следните 10 години во Македонија? Кој ќе ви го реши спорот во суд, кој ќе ви направи точна пресметка на платата и данокот?
Кој електричар ќе го повикате кога ќе ви се расипе нешто во домот, каде е забарот кога ќе треба да ја обновите пломбата, нотарот кој треба да ви ја води оставинската постапка?
Добрите, квалитетни работници или се пред заминување во пензија или се одамна заминати надвор од Македонија. Соочени со суровата вистина, дека тука одвај ќе заработуваат за леб и во потрага по подостоинствен живот, си ги спакувале куферите и ѝ рекле збогум на својата татковина.
Кој може да ги обвини? Кога не си го цениш квалитетот кој го имаш дома, некој друг ќе ти го грабне, па после ќе ти биде криво. Плачи и обвинувај каде се младите, каде се возрасните со повеќе искуство, каде се способните?
Ги нема! Во Македонија не остана никој. Ќе бидеме држава – пустина, каде што не вирее живот. Ќе се прашуваме со чудење зошто бројот на првачиња се намалува од година во година. Како нема да се намалува? Сте се запрашале колку и каков е наставниот кадар во Македонија? Какво образование добиваат тие деца и во какви луѓе ќе израснат за 10 години?
Проблеми многу, решенија малку, а еве го оној кој зависи од нас, а ние упорно ја повторуваме истата грешка – сакаме сите деца да се одлични ученици. Не може да бидат сите одличници.
Не може подеднакво да те бидува за сите 12 предмети во училиште. И да те бидува, ти ќе бидеш исклучокот, не правилото.
А кај нас тоа е правилото. Се фаќаат врски, се подмитуваат професори, се испраќаат закани, за што? За детето да ви биде со сите петки во свидетелство. Која сатисфакција ви е ова, знаејќи дека детето си нема поим од животот? Нема ли да ви биде помило да има многу повеќе знаење, отколку безлични незаслужени петки наредени во низа?
Не сме свесни каква штета им правите на децата и генерално, на општеството. Утре кога тоа дете ќе стане доктор, никој нема да му рече покажи ги петките од свидетелствата и десетките од индексот. Ќе му побараат знаење, точна дијагноза и соодветно лекување.
Ќе се прашувате зошто внучето не може да ги изговори Р и Л правилно и што ли работи тој дипломиран логопед со нив? Ништо не работи, не знае да работи.
И нема да е единствениот. И правникот и економистот и професорот и многумина други ќе креваат со рамениците, ситуација до која сме се довеле поради несоодветно и половично знаење, од пустото „сите да ти се петки“, од меракот „да бидеш доктУр на баба и дедо, да го наследиш тате“, а тој се плаши од крв.
И секако, не ќе стане молер, електричар, бравар, чевлар… какви се тие недостоинствени професии? Ние сме сите за на факултет. Со сите петки сме. Учени сме.
Вие бевте за вадење жолчка? Уффф, јас по грешка слепото црево ви го оперирав…
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело