Да сум дете на само еден ден…
Да сум дете на само еден ден ќе им поверувам на моите родители кога ќе ми речат дека ова е најсреќниот период од животот. Детството.
Ќе им поверувам кога ќе ми речат дека ќе дојде ден кога ќе сакам да се вратам во училиште и најголемата грижа на светот ќе ми биде домашната задача или тестот по математика.
Кога мајка ми ќе тргне да ме гушне, силно ќе ја прегрнам, свесен дека ваквите моменти стануваат скапоцена реткост во иднина, а некогаш и ја немате привилегијата и среќата да растете покрај нив доколку животот ви ги одземе прерано.
Да сум дете на само еден ден со радост ќе си намачкам мармалад на лепчето како некогаш, па маргарин и вегета на следното, а ќе го заокружам уживањето со огромна лажица крем, без грижа дали нешто ќе му се случи на мојот стомак, дали ќе ме „убијат“ киселини, дали тоа е здраво, веганско или безглутенско.
Ќе гледам цртани на телевизија, додека не го слушнам гласот на другарчињата кои ме викаат да играме на улица. Ќе трчам додека не се направам жива вода, без ниту една грижа и мисла на умот.
Нема да ми е битно дали е студено или топло, нема да ме нервираат вирчиња полни вода, сообраќајот, сметките, кредитите, политичарите. Уво нема да ме боли за ништо од ова.
Ќе го поминам денот како вистинско дете, во смеа и игра, со малку бесмислени детски кавги, па помирувања.
Да сум дете на само еден ден ќе си посакам 1.000 желби и ќе си сплетам уште толку многу приказни како се оствариле. Кога си дете умееш да сонуваш, да си фантазираш, да си среќен во својот мал свет. Кога си возрасен оваа навика ти се скратува од грдото секојдневие кое те убива.
Да сум дете на само еден ден ќе уживам во слободата, во безгрижноста на играта, во стратегиите како да победам во партијата фудбал, да постигнам гол и да се покажам пред симпатијата.
Со срце растреперено од возбуда ќе се приберам дома, збунет и среќен со типична наивна детска насмевка, со желба да ја видам утредента на училиште.
Да сум дете на само еден ден, ќе легнам задоволен и среќен од денот што сум го поминал. Што сум се изнаиграл, што сум гледал цртани, што сум јадел торта, среќен што сум постигнал гол, што сум украл насмевка од симпатијата, среќен со сите мали победи кои заборавиме да ги цениме како што старееме…
Да сум дете само на еден ден, ќе знам подобро, многу подобро од тогаш. Да сум дете на еден ден со овој памет што ми е денеска…
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело