Ние бевме добри деца, но сме лоши родители и нема потреба да ја обвинуваме младината зошто е ваква
Животе, компоте. Од ајвар и компот сме израснати, со солзи, срушени надежи и сринати колена. Со игри на улица од утро до мрак, со леб и маргарин посипан со вегета, со чај планински набран за време на викендите, во „стокецови“ без никакви специјални седишта.
Со по некоја прачка по газот и силно влечење на увцето додека веќе не го чувствуваш, збумбарено и црвено. Кај си смеел да повишиш тон на постар од тебе? Доволен бил само еден поглед попреку и да се замолчиш и смалиш колку афионово зрно.
Со горчина сме растени, со неостварени желби колку сакаш, со тајно прислушкување на родителските ноќни шепкања, колку сметки има неплатени, колку долгови, како ќе се отплатат, ќе останат ли доволно пари за купување нови патики? Па и кога доаѓало ред да се купи нешто за тебе, срамежливо ќе покажеш кон патиките или ранчето, и со сигурност нема да го одбереш најскапото.
Сме имале свесност за тоа колку се има и се нема, што е дозволено, а што не е. Ние бевме генерално добри деца. Со почит кон постарите, со слушање наредби и нивно извршување, со чувство за ред и дисциплина. И се боревме онака како што умеевме, секој на свој начин да постигне нешто.
Ние бевме добри деца, но сме лоши родители. Не можам да сфатам кога точно настапи овој момент. Дали сме премногу огорчени од работите кои сме ги немале и ни биле скратени, па сега ќе ги поминеме сите црвени граници да им го овозможиме на нашите деца најубавото?
Дали сме премногу искомплексирани од нашите скромни родендени со домашни торти, па од едната страна испаднала крива или „можете да си нарачате најмногу 2 слатки и боровница или лимонада“, па сега целиот тој очај од минатото се обидуваме да го заборавиме, замаскираме и да го надоместиме преку мегаломанијата за нашите деца?
Дали сте биле сведок на сопствената изјава – јас НИКОГАШ нема да го удрам моето дете како што тоа ми го правеа моите? Дали денес сте едни од тие кое силно се држат до ова ветување, па детето макар ви се качило на главата и го намачкало ѕидот со крем и каки, вие нема да го скршите ветувањето?
Тие сте. Тие сме. Јас го немав тоа, но моето дете ќе го има. Мене ми правеа вака, јас на моето нема да му правам никогаш така.
Моите ме оставале да учам сама, е нема, ќе седнам и ќе ја напишам секоја домашна задача заедно со моето дете. Моите ме тераа да помагам по дома и да сработувам одредени задачи, за да добијам нешто. Е нема, моето дете ќе го добие тоа без да се помачи.
Моите постојано ми велеа дека можам подобро, да не се занесувам дека знам сè или дека сум најдобра. Е па јас ќе го охрабрувам моето дете, ќе му ја градам самодовербата од најмали нозе, да мисли дека може да постигне сè.
Моите ми даваа одвај по 50 денари дневно, јас на моето ќе му дадам 500 денари, затоа што ми се може! А и да не ми се може, ќе се снајдам по секоја цена, сакам да не отскокнува од другите.
Моите не ми обрнуваа премногу внимание, јас ќе го опсипам детето со грижа и посветеност 24/7, до границата да заборавам дека имам свој сопствен живот, затоа што за детето ќе ја дадам и душата, за разлика од моите незаинтересирани родители.
Моите ми свикуваа, е нема, нека моето дете ми вика на мене. Лута и бесна сум, моите не ми дале скоро ништо, јас на моето дете ќе му дадам сè!
Е тоа сè ги расипува душичките. Што се виновни тие на крајот на краиштата? Кој им дозволил да лаат на ѕвездите? Кој им дава по 500 денари дневно, затоа што им прднало да шетаат со часови низ трговските центри и сите пари да ги потрошат на јадење, на 4 различни места?
Кој ги научи дека постојат само мама и тато таксистите, а не и градски превоз? Или одење пеш?
Кој им дозволува да прават хаос и неред во домот, а подоцна да објаснуваат како тоа е дел од нивната нескротлива креативност? Кој заборави да ги воспита? Кој ги тапка по рамото и им вели дека се најдобри, иако се сосема просечни деца?
Кој при здрав памет решава да му купи Сони Плејстејшн на дете од 5 години, затоа што било многу добро дете оваа година и го заслужило? Со што го заслужи бе златни, што на време кажуваше кога му се мочка и кака? Какви ли достигнувања направи на 5 години да добие подарок од 500 евра?
Постојано го обвинуваме децата. Постојано сме со прстот насочени кон нив, а забораваме дека тие деца имаат родители. Ние сме тие родители.
И воспитувањето упорно го тераме сосема обратно од она коешто го добивме ние, по секоја цена да ги заштитиме децата од лоши работи, од лоши вести, од животот и реалноста, да ги сместиме во убав розов балон полн играчки и среќа и серија исполнети желби, додека за возврат добиваме распекмезеност, непослушност и деца надвор од секаква контрола.
Па се прашувам, до кога? До кога ќе бидеме лоши родители со уште полоши деца?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело