„Бебето ти е од сурогат мајка - зошто се однесуваш како да си го родила?“
Познатата ѕвезда беше обвинета за глума, затоа што сподели фотки со сопругот од породилиштето, кадешто ја држи ќеркичката во прегратки, а носи болничка облека на себе.
Актерката Габриел Јунион (46) и кошаркарот Двејн Вејд (36) со години се обидуваа да добијат заедно дете. Откако на ѕвездата ѝ беше дијагностицирана аденомиоза, односно дури деветпати имаше спонтан абортус, последната надеж за брачниот пар беше сурогат мајчинството.
Но, сега кога на глумицата конечно ѝ се насмевна среќата да се оствари и во оваа улога, луѓето на социјалните мрежи ја критикуваат затоа што „се однесувала како да го има родено бебето, што е спротивно на вистината“.
Сопружниците му посакаа добрeдојде на новиот член од семејството – девојчето Кавија Џејмс – пред месец дена.
Очекувано, радосните родители веднаш се пофалија со фотографии од болницата, а ги дочекаа мноштво грди, непријатни и малициозни коментари.
Во неодамнешното интервју со Опра Винфри, славната двојка го сподели искуството околу сурогат мајчинството, додека кошаркарот истакна дека негативните реакции длабоко ги повредиле.
„Јас и Габриел добивме дете, а сѐ за што луѓето зборуваа беше зошто мојата сопруга е во кревет со бебето, зошто носи болничка облека и зошто се однесува како таа всушност да се породила. Уште еднаш покажаа колку се неинформирани. Ние се одлучивме за нега со контакт кожа на кожа штом се роди ќеркичката.“
Кенгурирањето или кенгурската нега, подразбира родителите да го држат новороденчето во рацете или на градите. Таквата практика им е од полза на сите деца. Контактот кожа на кожа ги смирува и утешува бебињата, регулирајќи им ја температурата на телото, отчукувањата на срцето и дишењето.
Истражувањата исто така покажуваат дека бактериската флора на родителот со кого бебето е во допир, освен што го намалува ризикот од добивање на разни инфекции, на бебињата им помага да спијат подобро, додека на родителите им овозможува да се поврзат со своето дете.
Гинеколозите објаснуваат дека кенгурирањето се одвива на идентичен начин, сеедно дали мајката е жена која го родила бебето, или, пак, онаа што не го сторила тоа. Се разбира – истото важи за татковците. Ова е една од најважните методи за зацврстување на врската помеѓу родителот и детето.
„За родителите како Габриел Јунион и Двејн Вејд, на кои неопходна им беше помошта од сурогат мајка, контактот кожа на кожа има дополнителна важност. Што се однесува до болничката облека, таа е наједноставниот начин за постигнување на кенгурска нега во породилиштето.“
Имате ли изградено став по ова прашање? Доколку сте љубопитни за повеќе информации, може да дознаете и како се дои бебето што го родила сурогат мајка.
А, од галеријата во продолжение, погледнете колку исполнето им изгледа секојдневието на Габриел и Двејн со малата наследничка:
М. А. | Црнобело