На какви маки се младите мајки со своите свекрви?
За мноштво жени, мајката на сопругот е последната личност чии попувања, омаловажувања и посрамотувања на сметка на родителството сакаат да ги слушнат. Особено во периодот додека ги раснат и воспитуваат малите деца.
За епскиот однос меѓу свекрвите и снаите се напишани илјадници текстови. Без намера да бидеме пристрасни, овојпат ќе ги споделиме искуствата само на едната страна. Анонимни млади жени си кажаа сѐ што им лежи на душата за мајките на нивните мажи.
Ако сте тазе родител, можеби и ќе се препознаете во нечија исповед. А, доколку сте во спротивниот табор, тогаш сигурно нема да ви се допаднат повеќето од изречените зборови. Зошто?
Младите мајки отворено проговореа за непријатностите и потешкотиите со кои се соочуваат од ден во ден, споделувајќи ги најлошите искуства што ги имале со своите свекрви. Еве на какви маки се тие:
„Според мојата свекрва вештерка, ќерка ми никогаш нема да се одвикне од пелените, бидејќи не сум била доволно строга. Драга госпоѓо, оставете ме на мир! Детето има само две години.“
„Не верувам дека свекрвата ми мисли лошо, ама баш е пасивно агресивна. Последно нешто со кое ми го крева притисокот е константното боцкање дека не сум го научила синот да вози велосипед. Таа везден е на точак. Хм, можеби е така бидејќи е уште во градинка и не го интересира возењето велосипед?“
„Почнав да одам на работа, па го комбинирам доењето со вештачко млеко. Кога свекрвата ќе го види син ми со шишенце, секогаш прави намртштена фаца. Ме прашува и дали навистина се чувствувам добро, знаејќи дека детето има пластична брадавица во устата. Молам???“
„Мојата свекрва нонстоп ме обвинува мене што децата се пребирливи околу храната. Сум била претерано попустлива. Потоа ќе појдат кај неа на викенд и нормално одбиваат да каснат од повеќето јадења кои ги има зготвено. Па, таа им нарачува пици. Толку за нејзината дволичност.“
„Ги знаете ли старине баби кои од утро до вечер зборат дека на бебето му е цело време студено, па треба да носи чорапчиња без оглед на температурата? Да, таква е мојата свекрва. Ме убедуваше дека детето ќе ми премрзне до смрт. Но, погодете што? Тоа преживеа и без чорапите во лето.“
„Според мајката на маж ми, ќе си го разгалам детето, бидејќи постојано го смирувам кога плаче. Има три месеци. Ќе го разгалам со својата грижа?! Галење и разгалување не е исто, ама мојата свекрва очигледно не го знае тоа.“
„Јавните приговори за исхраната ме полудуваат. Свекрва ми мисли дека неа ѝ е задача непрекинато да ме советува како да си ги ранам децата. Навистина веќе не можам да ја слушам. Не, моите душички не страдаат затоа што ги терам да јадат и зеленчук!“
„Свекрва ми се обидува да ме понижи за сите работи кои ги правам, посебно кога е безбедноста на децата во прашање. Нејзиниот став дека со инсистирањето да носат кациги на велосипед, всушност ги израснувам во мали мекуши. Секојпат кога ќе ги види така превртува со очите.“
„Имам свекрва која е заостаната во времето. Старомодна, традиционална и конзервативна, а дури мислам и дека не сака баш деца. Таа смета дека јас сум била чудна, бидејќи сакам да си играм со малечките. По мислење на неа, очигледно не треба ниту да ги гледам, а ни да ги слушам.“
„Моите деца имаат таблети кои смеат да ги користат за викендите. Се разбира, свекрвата е уверена дека им го уништувам мозокот. Кога е кај нас, а тоа е обично викенд, се обидува да ги сокрие, или, пак, да ги исклучи, говорејќи им на малите дека се расипале. Ќе полудам!“
„Му ја исече косата на син ми! Мојата свекрва се меша во буквално сѐ. Мислеше дека со сопругот сме будали што му дозволуваме да има долга коса. Па, ги зема работите во свои раце и го острижа, без нас или него било што да нѐ праша.“
„Не сме семејство кое оди во црква. Од друга страна, свекрва ми е мошне религиозна. Јас ова го почитувам, но би сакала и таа мене да ме почитува. Упорно ми приговара што не сум ги крстела децата. Попатно знае да ми напомене и дека ќе горам во пеколот.“
„Мојата свекрва е деловна жена и тоа е супер. Има кариера и драго ми е што си ја сака работата. Ама, јас сум исто така среќна што во моментот сум домаќинка. И не ми е убаво што се однесува како да сум мрзелива, бидејќи не работам. Реченицата секојпат ја започнува со констатација дека лесно ми е мене. А, продолжува со зборовите дека имам максимално слободно време.“
„Ме критикуваше за навиките во бременоста. Ме критикуваше околу доењето. А, сега ме критикува, бидејќи моето бебе има распоред за спиење. Да, јас сум овде ненормалната.“
„Таа нема апсолутно никакви очекувања од нејзиниот син, а мој маж, кога е родителството во прашање. Се однесува како тој да ми прави мене услуга што се грижи за нашите деца. Постојано слушам коментари од типот на оној дека сум била вистинска среќничка што сопругот им ги менува пелените. Па, зарем не им е татко?“
М. А. | Црнобело