Совети кои ќе ви бидат неопходни ако се одлучите да одите на семејно патување со деца
Зимскиот период и празниците се идеално време за патување со семејството.
Независно дали сакате да ги однесете децата на планина за да дишат чист планински воздух, или да ги прошетате некаде каде ќе ја почувствуваат празничната магија, несомнено ќе направите добар избор.
Но, семејните патувања со деца може да имаат свои недостатоци, како на пример додатни и непланирани трошоци, нервоза и стрес и потрошено време на глупости.
За да избегнете несакани ситуации и комплицирање на работите, важно е да се држите до одредени совети кои искусните ги даваат.
Овие совети ќе ви бидат од корист за следното семејно патување:
Патувајте со автомобил наместо со авион или автобус
Можеби патувањето со авион е поевтино и побрзо некогаш, но ако имате можност, одберете автомобил заради следните причини:
- Со автомобил може да понесете повеќе работи кои ви се потребни за децата, а нема да мора сè да е стокмено во куфери со точно одредена тежина
- Со автомобил, имате можност да застанете некаде на патот доколку сакате да одморите, децата да се размрдаат или да купите поевтино кафе и храна од бензинските за да се освежите
- Додека се возите во автомобил може да си разговарате, да се дружите, да пеете и што уште не за да си го поминете полесно и поубаво патот, додека во авион ќе мора да бидете постегнати
Никогаш не заборавајте влажни марамчиња
Иако ова ви е веќе познато, многу често се случува родителите да ги заборават, а кога одите на патување со деца, тоа е недозволиво. Ќе ви бидат потребни големи пакувања влажни марамчиња, па направете си добра залиха.
Дозволете сите да го видат и направат тоа што сакаат
За патувањето да биде незаборавно , а не децата да се жалат дека им е здодевно и да се расправате и тегнете по улици, дозволете на сите да им биде направен меракот и да посетат, видат или направат нешто што им се допаѓа.
Не се обидувајте да се распространувате на секаде и да трчате да посетите сè
Кога одите со деца на патување, не може да очекувате дека ќе стигнете да направите сè што вие сте замислиле.
Бидете организирани и имајте во обѕир дека децата не се дојдени за да го гледаат истото што и вие, дека секој има различна желба и дека секој треба да направи по некоја жртва.
Обидете се да најдете заеднички интереси и активности кои ќе ве зближат како семејство, а не да го поминете времето во трчање и да немате никакви убави спомени.
Изнајмувајте апартмани и станови, а не хотелски соби
Хотелските соби не се соодветен избор кога патувате со цело семејство – освен што ќе поминете многу поскапо, нема да ви бидат функционални, бидејќи немаат машина за перење, можности за пеглање облека, има многу правила во поглед на врева, што е тешко да се практикува со мали деца.
Распрашајте се за попусти за семејства и слични промоции
За оние кои патуваат со деца, на некои места има многу поволности, како попусти при сместување, попусти во ресторани, во авио компании, пристап до одредени делови за занимација и слично, па распрашајте се и искористете ги сите бенефити.
Избегнувајте да ги посетувате знаменитостите во шпиц
Проверете на кои места во кои период од денот е шпиц и гужва, па избегнувајте непотребни нервози и одете само кога знаете дека е порастеретени, независно дали се знаменитости, ресторани или рекреативни центри.
М. М. | Црнобело