Испробани совети кои ќе им помогнат на родителите да се справат со тврдоглавоста на децата
Сите родители во одредена фаза се соочуваат со проблеми заради тврдоглавоста на децата.
Не сакањето да ги средат играчките, одбивањето да јадат зеленчук и овошје или да легнуваат и да се будат навреме се само дел од маките за кои родителите мислат дека нема решение.
Сепак, искусните, велат дека за сè има решение, само треба да бидете креативни дури и со воспитувањето на деца.
Со неколку трикови, родителите се среќни и задоволни, а децата се смеат на нив години подоцна, кога ќе сфатат како ги надмудриле.
Прочитајте како се справувале другите и можеби ќе си најдете решение на вашиот проблем:
„Мајка ми има пријателка која става зеленчук во нејзината чинија, но не им дава на децата од зеленчукот. Кога тие ќе ја прашаат зошто не јадат од тоа, таа им вели дека тоа е храна за возрасни, но дека можеби ќе им даде малку. Децата постојано сакаа да јадат од храната за возрасни и сега обожаваат зеленчук, а јас седев 3 часа зјапајќи во карфиол кој не можев да го помирисам.“
„Една моја другарка во детството ја казнувале така што не ѝ забранувале да јаде салата ако се однесува лошо. Таа обожаваше салата и се обидуваше да јаде што повеќе во училиште како ужина за во случај да ѝ забранат дома.“
„Мајка ми ми велеше дека ќе ми даде да јадам супа само ако претходно изедам бонбона, а ми купуваше само невкусни бонбони кои не ми се допаѓаа. По неколкупати, престанав да се обидувам да ги јадам бонбоните и ја терав да ми даде прво супа.“
„Двапати годишно им дозволував на децата да јадат што сакаат и колку сакаат. Тоа најчесто е брдо брза храна. Првите 2-3 пати јадеа толку многу што некогаш и повраќаа. Сега знаат да се контролираат и бираат поквалитетни оброци наместо да јадат количински тешка храна.“
„Татко ми смислуваше игра во која ни кажуваше да се натпреваруваме кој ќе ги нареди по боја и здипли повеќе облека од сушара – тој никогаш не победуваше.“
„Двете мои деца мразат кога некој ќе им каже дека не можат да направат нешто, па затоа тоа го користев како замена наместо молба да направат нешто, така што им велев дека сигурно не можат да ги раскренат играчките, а ефектот беше и подобар од очекуваниот.“
„Кога бев дете, одбивав да се будам рано наутро. Еден ден, мајка ми ми кажа да го изиграме татко ми да мисли дека уште спијам. Ми кажа да се облечам целосно и да се покријам со ќебе преправајќи се дека спијам. Кога татко ми ќе дојдеше да ме разбуди, ќе го измамев бидејќи всушност веќе долго време бев подготвена. Трикот функционираше неколку години, а јас не се посомневав. Сега, кога ќе се сетам, и повеќе од очигледно е дека тие мене ме изиграле за да се будам без кавги.“
„Кога требало да правам нешто низ дома, татко ми забележал дека ако побара да го средам дворот, ќе се жалам и нема да го направам тоа. Но, ако ме прашал што повеќе сакам, да го средам дворот или да ги измијам садовите, бирам едно и го правам добро. Ќе излудев кога ми го кажа овој трик по 20 години, а сега го применувам и јас тоа.“
М. М. | Црнобело