До сите мајки на ќерки: Кога ќе ѝ купите барбика, купете ѝ и лајтсејбер
Принцезите се супер, имаат розови фустани и прекрасни круни, но тоа се случува само во бајките и вашата мала ќерка треба да биде свесна за тоа.
Никој не може да ви замери ако сакате да ја разгалите вашата ќерка, но со тоа само ќе ѝ направите лоша услуга. Градењето на самодоверба во првите години е задача на родителите. Затоа треба да ѝ покажете како самата да го зграпчи она што ѝ следува од животот, без да мисли дека го добива „по дифолт“.
Децата слушаат и апсорбираат сè што вие кажувате или не кажувате, па дури и го читаат говорот на телото и тонот на зборовите. Тие знаат кога лажете и кога се обидувате да ги надмудрите.
Затоа, ако сакате вашето мало девојче да порасне во девојка која има самодоверба и знае што сака, внимавајте на следниве четири нешта:
1. Како вие ја гледате влијае на тоа како самата се гледа
Ако ѝ велите дека е паметна, таа ќе се чувствува паметна. Како мајка, вие сте примерот кој таа го следи. Па, затоа и треба вие да бидете личноста која ќе ја научи што треба да прави, на што да даде шанса и што да избегнува.
2. Светот околу неа влијае врз нејзината самодоверба
Пријателите, училиштето, медиумите и социјалните мрежи, како и семејството, се фактори кои влијаат врз нејзината самодоверба. Како родител, треба да ѝ помогнете да ја врати, дури и кога од околината ѝ е нарушена. Не можете да контролирате сè, но можете да дадете сè од себе за да ѝ дадете до знаење дека е храбра и силна.
3. Таа нема да дознае за својата моќ, ако вие не ѝ (по)кажете
Како девојче, таа можеби ќе покаже интерес кон шминка, мода, фризури и сите останати женски нешта. На вас е да го поддржите тоа, но и да се обидете да дознаете дали постои дел од нејзе што е заинтересиран и за други нешта. Наместо вие да ги избирате барбиките, пуштете ја во продавницата самата да ја најде својата играчка и не одбивајте да ѝ ја купите доколку одбрала лајтсејбер.
4. Таа ќе го имитира и копира она што гледа од вас
Ако сакате да одгледате ќерка која се чувствува добро во својата кожа, треба и вие да се чувствувате така. Сакајте се себе и дозволете да ве види дека уживате и го почитувате тоа што сте. Вашето девојче самото ќе гледа и ќе научи како треба.
Е. Д. | Црнобело