Грешки во воспитувањето заради што детето станува насилно и мисли дека владее со домот
Во последно време, критериумите за воспитување деца се многу сменети и зголемени до речиси недостижно ниво.
Младите родители ги преминуваат сите граници со размазување на децата и купување на секакви работи кои не се наменети за нивна возраст, со што прават полош ефект.
Мислејќи дека така ќе го задоволат или смират детето, дека ќе го направат посреќно и подобро, тие всушност го постигнуваат спротивното и барањата никогаш немаат крај, а карактерот на детето се гради во погрешна насока.
Новите родители поставуваат погрешен пример, а психолозите предупредуваат дека со тоа децата си замислуваат дека се владеачи на светот уште од мали и немаат никакви вредности.
Во продолжение погледнете кои ставови и постапки на родителите се погрешни:
„На детето му е досадно? Значи сме лоши родители.“
Што се случува: Додека детето е будно, родителите се обидуваат да му ја исполнат секоја секунда од времето со игри и забава. Се смислуваат секакви приказни и игри, се глумат кловнови, се пуштаат цртани, се даваат таблети за играње и слично.
Што треба да се прави: Досадата е исто така важен фактор за развојот на детето и тоа е времето кога неговата фантазија почнува да работи. Затоа, некогаш добро е да го оставите детето само наместо да изигрувате кловн – тоа и само треба да знае како да си најде начин да се занимава.
„Ќе ти дадеме што сакаш и ќе решиме сè, само немој да плачеш.“
Што се случува: Децата постојано имаат најразлични барања, а родителите се обидуваат да им ги овозможат речиси сите. Сака сладолед иако претходно јадело или надвор е ладно? Одат во најблиската продавница. Му здосадила старата играчка? Одат да купат нова. Плаче за да добие нешто друго – веднаш го купуваат за да се смири.
Што треба да се прави: Психолозите советуваат да се одложува нивната листа на желби, бидејќи детето од мало треба да се научи дека не може да се добие сè што ќе се посака. Така ќе биде подготвено и понатаму во животот да не мисли дека сè е розово и ќе може полесно да се справи со пречките. Најдете начин да го „залажете“ со нешто и да објасните дека во моментот тоа не е можно.
„Само си игра, ништо лошо не прави.“
Што се случува: Многу родители некогаш не обрнуваат внимание на нешто што децата прават лошо, бидејќи го гледаат тоа само како детска игра, а бидејќи се деца, мислат дека сè им е дозволено. Па така, никој нема право да ги искритикува децата ако си играат насилнички игри со бездомни кучиња, ако трескаат, фрлаат и превртуваат сè наоколу, бидејќи тие „само си играат“.
Што треба да се прави: Всушност, на детето му е совршено јасно што прави и ако истовремено чувствува поддршка од родителите кои не го караат, автоматски мисли дека сè е во ред. Затоа е многу важно воспитувањето и зборувањето со децата за однесување во околината и да се обрне внимание на „начинот на игра“ на детето уште од најмала возраст.
„Уште е многу мал/а за обврски“
Што се случува: Родителите се обидуваат да им создадат совршено детство на децата и ги лишуваат од секакви обврски, со што тие немаат никаква дисциплина, навики за домашни обврски и стануваат неспособни, мислејќи дека може да ги слугуваат другите.
Што треба да се прави: Не треба да се заборави дека некои обврски се неопходни и постепено и децата треба да се вклучуваат во домашните обврски – за почеток, местење на кревет, диплење и закачување облека, па кога малку ќе потпораснат да ви помогнат со одржување на двор, миење садови и слично – не мора сè одеднаш, но постепено мора да учат дека секојдневието си носи обврски кои чекаат на нив.
„Моето дете не сака супа, мрази да се облекува сам и си легнува кога сака.“
Што се случува: Модерните родители не сакаат да им наметнуваат обврски и правила на децата, па ги оставаат со повеќе слобода да одлучуваат што сакаат да прават. Но, не сфаќаат дека со тоа што им дозволуваат сè, прават децата да мислат дека тие ги диктираат правилата во домот и стануваат некултурни и вообразени.
Што треба да се прави: Мислете на она што е добро на детето и подоцна ќе ви биде благодарно, иако во моментот изгледа како да го терате со сила, некогаш тоа е неопходно. Без строги правила и воспитување, секое дете ќе стане невнимателно, иритантно и ќе се однесува како домашен тиран.
М. М. | Црнобело