Бинди ги открива најдобрите лекции од татко ѝ Стив Ирвин, кој почина од убод од раја
„Ловецот на крокодили“ ѝ беше татко, а таа е негова наследничка во буквална смисла на зборот.
Бинди Ирвин го наследи ентузијазмот и желбата да го промени светот од нејзиниот починат татко Стив Ирвин, кој беше познат како еден од најголемите вљубеници во природата и го носеше прекарот „Ловецот на крокодили“.
Таа вели дека од него научила дека иако во светот се случуваат многу лоши работи ние мора да гледаме позитивно и да се држиме до светлината секој ден, мора да ги едуцираме и другите да го прават тоа и така да направиме разлика.
„Татко ми секогаш велеше дека постои надеж за светот и дека ќе постигнеме многу само ако веруваме во себе. Секогаш беше неверојатен и го дигаше духот на сите околу него и се грижеше за нив на патувањето наречено живот“, изјави Бинди.
Таа има 20 години и ги следи стапките на својот татко и е посветена на работата во австралиската зоолошка градина и работи на глобален план за зачувување на природата.
Имаше само 8 години кога нејзиниот татко почина од убод од раја. И покрај тоа, го помни како „жив ураган“ и вели дека сиот ентузијазам што го прикажувал пред камерите бил реален.
„Го обожавав фактот што татко ми уживаше во секоја секунда од животот. Тој ме учеше да се борам за тоа во кое верувам и да бидам храбра. Се надевам дека ќе биде горд на сè што постигнав“, вели Бинди и додава дека мора да веруваме во моќта на добрината за да го смениме светот на подобро.
С. С. | Црнобело