„Сакај си ја жена ти како што посакуваш да биде сакана ќерка ти.“
„Најдоброто, а веројатно и најтешкото нешто кое може да го направиш за својата ќерка, е ти да ѝ бидеш пример како мажот треба да се однесува кон жената.“
Мајката на три деца, Никол Мерит, испрати јавно писмо до сите татковци кои имаат ќерки. Oбјавата ја сподели популарната страница „Love What Matters“, по што набрзо се прошири и на социјалните мрежи.
Ова се нејзините зборови наменети за мажите со ќерки:
„Сигурно те полудува дури и самата помисла твоето мало девојче да има „момче“. Ме полудува и мене, иако сум ѝ само мајка.
Таа принцезичка со ангелски лик од три килограми, која пред седум години ја доведе дома, веројатно ќе има симпатија наредниве години. А, неколку години подоцна, ќе го фати и првиот дечко.
Застрашувачки е, зар не? Сепак, добрата вест е дека ти можеш да ѝ покажеш што сѐ заслужува од еден маж.
Врските и браковите се тешки. Ќе дојде денот кога и таа ќе ја научи оваа вистина. Предизвик се за сите, вклучувајќи ги и добродушните и добронамерните луѓе.
Најдоброто, а веројатно и најтешкото нешто кое може да го направиш за својата ќерка, е ти да ѝ бидеш пример како мажот треба да се однесува кон жената.
Сакај си ја жена ти како што посакуваш да биде сакана ќерка ти.
Твојата малечка лесно потпаѓа под влијание. Ќе научи како изгледа и звучи љубовта, за жал, од филмовите, телевизиските серии, списанијата, социјалните мрежи и пријателите. Или, барем таа ќе си мисли дека знае.
Меѓутоа, она што ќе го „насобере“ надвор од домот, нема да биде ни приближно на вистинската и реалната љубов. Ти, и само ти, можеш да се избориш да не биде така.
Покажи ѝ ја најголемата љубов, однесувајќи се добро кон нејзината мајка. Сѐ започнува дома – од тебе и сопругата.
Денес и сите други денови, почитувај ја жена ти. Држи ја за рака кога и да имаш прилика. Бакнувај ја што повеќе. Смешкај ѝ се.
Гледај ја во очи. Кога таа зборува, ти слушај внимателно. Отворај ѝ ги вратите. Кревај ѝ ја самодобербата. Пофали ги нејзините постигнувања.
Охрабрувај ја кога тоа ѝ е потребно. Сочувствувај со неа кога ти бара поддршка. Оди на авантури со неа. Кажи ѝ дека е убава, како одвнатре, така и однадвор. Повторувај ѝ го ова често.
Ќерка ти ја обожава мајка си. Таа е маѓепсана од неа. Односот меѓу мајките и ќерките е испреплетен до толкава мера, што се чини како да водат паралелен живот.
Штом станеш свесен за нивната поврзаност, ќе разбереш и дека твојата врска со сопругата, не ве засега исклучиво тебе и неа.
Најголемиот подарок што таткото може да ѝ го даде на ќерката – покрај своето време и внимание – е да ја сака нејзината мајка.“
М. А. | Црнобело