„Бев на одмор во Дерми, Албанија – зошто топло го препорачувам?“
Од тежината на патот од Скопје до Дерми, преку плажите, морето, цените на лежалките и храната - како си поминав на одмор во најлуксузното албанско летувалиште?
„Откако ги прочитав сите можни форуми дојдов до заклучок дека живописното селце Дерми, сместено на падините на планината Чика, на брегот од Јонското Море е најлуксузното албанско летувалиште и дефинитивно ми ги исполни очекувањата. Дури и многу повеќе.
Точно е кога ќе ви кажат дека патот дотаму е вистински предизвик. Возевме 437 километри 7 часа.
После граничниот премин Ќафасан ве чекаат доста кривини, па дел со автопат, па по градот Валона почнува движењето покрај море со неверојатни глетки, но и со препотување од острите кривини при искачувањето и спуштањето по планината Чика. На шега ја нарекуваат страшна и токму таква е.
Но, во текот на целиот пат има одлични локали во кои може да одморите и неверојатна природа. Патот освен што е кривулест не е во лоша состојба и искусен и внимателен возач нема да има проблем да го извози.
Дерми го нарекуваат и албанското Санторини поради тоа што е сместено на падините од планината, стрмно е и од речиси секој тип на сместување таму ќе имате одличен поглед кон Јонското Море.
Сместувањето и цените општо не се евтини, односно не се во согласност со нашите очекувања за Албанија, но се поевтини и попристапни од Грција.
Нескафе на плажа ќе пиете за 120 денари, коктел за 250-300 денари, а за 2 лежалки со чадор ќе платите околу 500 денари, односно 1.000 леќи локална валута. Но, секаде има и јавна плажа каде може да си поставите свој чадор.
Во убавите бич барови има доволно дистанца помеѓу лежалките, според препораките за заштита од корона вирусот, но за жал келнерите не носат маски. Носат само во најлуксузните ресторани и тоа на уши, не преку уста и нос.
Бич баровите се рамо до рамо со грчките по среденост, па дури и подобри. Има километарски долги плажи, а морето е топло и тиркизно. Проблем се само малку камчињата при влезот, не е песок, но токму и затоа е толку проѕирно. Одите малку и веднаш почнува длабоко.
Во рестораните има одлична услуга и морска храна, како и сѐ друго, совршено приготвено и сервирано. Цените може да се каже дека се охридски или како во луксузните скопски локали, што значи сосема пристојни за оброк со поглед на море. Но, верувам дека ова нема да потрае долго и наскоро цените ќе се вивнат до небо.
Има низа луксузни ресорти со 5 ѕвезди во кои за 7 ноќевања се плаќа и по 5.000 евра, а дефинитивно има и клиентела за истите.
Во Дерми поголемиот дел од туристите се помлади, додека соседниот град Химара е посоодветен за фамилијарен одмор, иако и во Дерми плажите се во ред за со деца.
Ќе добиете сосема поинаква слика за Албанија и тоа на сите страни девојки со модерни бикини, култура на ниво на плажите, завиден возен парк и одлични локали.
Единствено може да ве иритира начинот на возење и паркирање, како и некои несредени паркинзи на кои се наплаќа, а нема ниту асфалт, но целиот регион е во процес на градба, па сликата ќе биде сосема поинаква за неколку години.
До луксузните ресорти никнуваат уште полуксузни, но сѐ уште секаде се плаќа со кеш, дури и во некои хотели, што е соодветно нагласено и на Booking. Во некои локали нема да ви прифатат ниту евра. Затоа добро е да имате секогаш сменето леќи. Исто така во некои локали келнерите може да не знаат англиски, па цената да ви ја напишат на својот телефон и да ви ја покажат.