Предлози од искусен патник - Дестинации што не се преплавени со туристи, туку со див свет
Александар Шданов е најмладиот Русин кој може да се пофали дека ги посетил сите држави членки на ОН.
Изминативе 10 години, тој летал над 1.000 пати и ја обиколил планетата 45 пати, притоа наоѓајќи ги најтајните места на Земјата.
Односно, места каде што нема да налетате на вообичаените туристи.
Кога ќе го земете сето ова предвид, сигурно ќе ве интересираат неговите предлози за патување:
Јужна Џорџија
Овој остров во јужниот Атлантски Океан е прекуморска територија на Велика Британија.
Островот им е постојано живеалиште на само 20 луѓе, но овде ќе најдете пингвини и фоки во изобилство.
Интересно е што неретко пингвините им се приближуваат на луѓето и љубопитно ги проучуваат. Па, ова место е совршено за љубителите на диви животни и птици.
Јужна Африка
На 45-минутно возење од Јоханесбург се наоѓа сафари паркот Lion. Овде се згрижуваат повредени и напуштени животни, кои откако ќе закрепнат се враќаат во дивината.
Животните се под постојан надзор од ренџери, но сепак можете да ги храните, галите и да шетате со нив. Но, не е сè така едноставно.
Доколку, на пример, сакате да видите леопард, тоа ќе ве чини 60 долари. Притоа ќе треба да потпишете изјава дека сте свесни за ризиците.
Вработените од паркот ќе ви дадат насоки и ќе ви кажат кои животни можете да ги допирате и како да го направите тоа без да ги разгневите.
Уганда
Во националниот парк Бвинди во Уганда можете да уживате во природа недопрена од човекот, но и да ги видитете планинските горили.
Можете да го посетите живеалиштето на овие мајмуни, но за тоа ќе ви требаат 600 долари. Сепак, Александар тврди дека навистина вреди.
Покрај тоа, ќе треба да се движите низ дождовна шума, па осигурете се дека ќе понесете соодветна опрема.
Зимбабве
Зимбабве е уште една одлична дестинација за оние кои го сакаат дивиот свет.
Овде има засолниште каде што се згрижуваат лавовите, а потоа се враќаат во дивината. Луѓето можат да „се дружат“ со малите лавчиња, но големите ретко кога се припитомени.
Интересно е што локалните ловци буквално растат со лавови. Со нив трчаат, си играат, јадат…
Според Александар, кога ќе стигнете во паркот ќе ви дадат голем стап, во случај нешто да тргне на лошо. Стапот не е за да го удрите лавот, туку за да го заплашите.
Кенија
Ако сакате да имате необичен појадок, тогаш упатете се во Кенија. Во близина на Најроби има центар за рехабилитација на жирафи, а куќата на имотот е претворена во мал хотел со 8 соби.
На земјиштето живеат дузина жирафи и секое утро им се придружуваат на гостите на летната тераса.
Александар советува да станете околу 5 часот наутро ако сакате сами да уживате во целото искуство.