Пејзажи со портокалова и златна боја, шумски патчиња и прошетки – есенски дестинации во Европа
Кога веќе летото го оставивме зад себе, време е да се подготвиме и да се препуштиме на есента, да видиме какви изненадувања, пријатни моменти и патувања ќе донесе оваа година.
Можеби на патувањата нема да сме придружени од сонце, но ќе се навикнеме и на облачно и врнежливо време.
Секоја сезона испишува посебни доживувања за нас, а понекогаш со чадор во раце, гумени чизми и кабаница патувањата можат да се претворат во незаборавна есенска одисеја.
Во Англија постои едно место наречено Камбриа, каде есенската светлост посебно се доживува.
Самиот регион освен што е инспиративен за долги прошетки, на оние кои ќе се најдат таму ќе им овозможи да се соединат со чистотата на портокаловата и златната боја.
Тоа е простор каде боровите и буките ќе ве придружуваат во авантурата и гласно ќе ви раскажуваат приказни произлезени од шумската тишина.
Средновековниот Бруж – главниот град на чоколадото е воедно и една од најубавите европски дестинации во есен каде што историските градби се покриени со златни и пурпурни лозови стебла.
Тоа е само мал дел од пријатното чувство кое ќе ве понесе додека шетате низ овој град во Белгија.
Доволно е да ви кажам дека боите околу вас се рефлектираат во водените канали и есенските денови ги прави уште помагични и незаборавни.
Верувам дека ви е познато, но месец октомври е вистинска сезона за уживање со храна и вино во Италија. Да се посети Пиемонт кога боите се движат од портокалова до златна и да се истражат околните врвови претстава момент од кои ќе можете да земете здив пред повторно да се препуштите на секојдневните обврски.
Уште една интересна дестинација е градот Лугано во Швајцарија, кој граничи со Италија и со бреговите на Луганското Езеро.
Ако имате желба пред себе да гледате живописни пејзажи тогаш есенските месеци се совршени за такво патување. И во кое било време да дојдете секогаш ќе може да го прославите моментот со грозје и вино.
Автор: Е. Х. | Црнобело